Словенечки пратеник си поднесе оставка поради сендвич

Словенечкиот пратеник Дариј Крајчич поднесе оставка, откако беше објавено дека украл сендвич од супермаркет во Љубљана.

Сè почнало во средата кога пратеникот во текот на расправата за механизмите на контрола на прехранбени производи на матичниот одбор, сакајќи да ја разведри атмосферата, рекол дека механизмите за контрола функционираат добро ако сите се придржуваат до нив, но дека на надзорот сè уште му бега нешто и сето тоа го илустрирал со една бизарна анегдота. 

Дариј рекол дека самиот јавно се пријавува бидејќи во блиската продавница зел сендвич одминувајќи ја благајната. 

- Чекав да платам сигурно неколку минути, но таму на пултот си разговараа, а за мене никој не водеше сметка. Затоа си излегов без да платам. И никој не тргна по мене иако таму има повеќе камери за видеонадзор - рекол Крајчич, инаку доктор на науки по шумарство и доцент на љубљанскиот универзитет, кој претходно го водел и државниот завод за заштита на природата. 

Колегите во одборот сметале дека станува збор за невкусна шега. 

Иако тој потоа на новинарите им рекол дека не станувало збор за вистинска, туку за виртуелна кражба, односно „општествен експеримент“ и дека подоцна го платил и им се извинил на продавачките, неколку часа подоцна објави дека поднесува оставка од пратеничката функција. Оставката му е прифатена.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.02.2019 - 20:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега