СКРМ: Министерката Костадиновска Стојчевска во неполни 15 минути успеа да ги нападне вработените во цела култура, која самата ја води

По интервјуто на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска,  во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, реакција до медиумите испратија од Синдикатот на култура на РМ, во која потенцираат дека нејзините изјави ги доживувале, како што велат, со одбивност и антагонизам.
 
„Министерката во неполни 15 минути успеа да ги нападне вработените во цела култура, која самата ја води, притоа не воздржувајќи се во тој процес да ги изврти постоечките факти во некој за нас несфатлив наратив, дека „платите во културата се енормно зголемени“, по што самата таа се побива за неполна минута и да признае дека „цените на струјата се енормно зголемени“ и да констатира дека сепак „вработените не се виновни за пандемиската, безбедносната и економската криза, која го зафати светот, па и Република С. Македонија“, потенцираат во реакцијата од СКРМ.
 
Во продолжение интегрално Ви ја пренесуваме реакцијата на Синдикатот на култура на РМ, испратена до медиумите по писмен пат:
 
Ако претходно бевме изненадени и запрепастени, сега изјавите на нашата министерка почнуваме да ги доживуваме со одбивност и антагонизам. Веројатно, министерката за култура е единствената министерка во историјата на оваа држава во кој било ресор, која јавно изразува незадоволство од тоа што гранката што ја води има вработени, кои по 30 години борба, превирања, политикантство, занемарување, понижување, обезвреднување, а пред сѐ неизвесност и живеачка под сите државни стандарди, успеале да ги подобрат условите за работа на едно нормално, а веќе денес со сите процеси и кризи и просечно ниво.
 
Министерката во неполни 15 минути успеа да ги нападне вработените во цела култура, која самата ја води, притоа не воздржувајќи се во тој процес да ги изврти
постоечките факти во некој за нас несфатлив наратив, дека „платите во културата се енормно зголемени“, по што самата таа се побива за неполна минута и да признае дека „цените на струјата се енормно зголемени“ и да констатира дека сепак „вработените не се виновни за пандемиската, безбедносната и економската криза, која го зафати светот, па и Република С. Македонија“.
 
Околу пандемијата, не е вистина дека институциите од културата не работеле. Во согласност со протоколите за работа, токму институциите што таа ги споменува, како
Опера и Балет или Филхармонија, работеа интензивно според можностите на протоколите за работа и го одржуваа репертоарот уште од Септември 2020 година. Таа тенденциозно одговара на прашање дека: „библиотекар-советник, за континуирано стручно образование, ... од 23.369 илјади денари во 2017 година, сега, со новиот колективен договор и со овој ребаланс којшто се направи за овие плати да се одржат, зема (цитираме од изјавата) 49 илјади 158 илјади денари“.
Најпрво, одржувањето на платите, за кои таа зборува е обрска која државата ја презема со потпишувањето на Колективниот договор за култура, во која покачувањата на вработените во културата се решени преку растот на минималната плата во државата, односно, коефициент во културата е минималната бруто плата во државата. Тоа е концепт кој е земен од европската пракса, кон која оваа држава се стреми.
Второ, не е вистина дека библиотекар-советник, по покачувањето, зема нето плата од „49 илјади и 158 илјади денари“. Тоа се јавни информации и министерката не треба да изнесува паушални суми. Коефициентот на библиотекар-советник според колективниот договор е 2.584, па и со најновиот ребаланс изнесува 45.120, а не 49.158 денари. Со двојното налгасување на „илјади“ министерката како да сака да ја нагласи „енормноста“ на сумата, која водителот ја поправи дека и таа веќе не е така голема.
 
И трето. Се добива впечаток дека сите библиотекари земаат плата како што сакаше министерката да каже, а тоа не е вистина. Библиотекарот без стручно звање зема во
рамките на просечната плата во државата и тоа би било чесно да се каже. Исто така, чесно да се каже дека библиотекар-советник е највисоката функција во библиотекарството, како што титулата „советник“ е највисоката титула во заштитата и библиотекарството, која се добива со макотрпна работа, континуирано образование, издавање на научни трудови, а сето тоа е поврзано со заштита и презервација на матерјалите, културното наследство и е поврзано со кривична одговорност. Исто така чесно е да се каже дека во државата нема повеќе од 30 библиотекари-советници.
Најчесно би било да се каже дека сите овие професии, кои се колектори, чувари, презерватори и конзерватори на документи, трудови, статии, периодики (збирката „Ретка периодика“), кои говорат за историјата на оваа држава, народот и заедниците што живеат во неа, целиот работен век го имаат поминато со супстандардни примања и сами ги стекнувале звањата, сами се доусовршувале, сами ја надоградувале својата академска наобразба. Исто како што денес 7-8 библиотекари-советници во НУБ самите со останатите вработени ги вадат книгите по секое поинтензивно врнење дожд од депоата на НУБ Климент Охридски, сами импровизирано ги сушат и сами се борат да го зачуваат она што е останато од културното наследство доверено на нивно чување, затоа што со години
наназад објектот на НУБ тече и се поплавува.
 
Најчесно би било да се каже дека со години на инвестирање во „мртви споменици“, како „Скопје 2014“ при највисоки плати во културата од околу 20-23.000 денари, не е во ред министерката сама да се доведува во крајно непријатна ситуација и во иста неприлика да ја доведува Владата (од која таа е дел и која го донесе долгоочекуваниот и насушен колективен договор), која конечно обрати внимание на вистинските чинители на културниот процес, а тоа се вработените во културата, со подобрувањето на нивниот економски и социјален статус и конечно соодветното вреднувањето на нивните трудови и работа.
 
Нам ни е многу жал што на учесниците во „слободна сцена“ им беше скратен најголем дел од програмските средства, но не смееме да потпаднеме на наративот дека за
тоа се виновни платите на вработените во културата и дека заради тоа бил скратен буџетот за култура за 2022 година. Напаѓајќи ги вработените во културата, изразуваме сомнеж дека со ваквиот самонегаторски однос министерката, освен што ги антагонизира вработените во културата, ќе успее да добие симпатии помеѓу учесниците од „Слободна сцена“, а уште помалку во јавноста и општеството. Впрочем самите учесници на „Слободна сцена“ се уметници и дејци, кои еден ден својот уметнички, но и егзистенционален статус би можеле да го побараат во институциите од културата и да бидат вработени на позиции кои министерката денес така интензивно ги напаѓа, заборавајќи дека слободната сцена своето творештво го претставува токму во институциите од културата и дека меѓусебната
соработка е клучна.
 
Понатаму, напаѓајќи ги сопствените вработени, се сомневаме дека таа ќе створи негативен набој кај останатите гранки во општеството спрема вработените во културата.
Напротив, нашите колеги од другите гранки во општеството не нѐ гледаат со антагонизам поради покачените плати во културата, кои не се ни далеку од „енормни“, туку напротив, на колективниот договор во културата гледаат како почетна точка од која понатаму и тие ќе ги доуредуваат своите социјални прашања.
Јавно се прашуваме, кога се споменува солидарноста, зошто министерката не сака да спомене дека вработените во културата беа солидарни со државата цели 30 години?
Една работа министерката е во право: дека културата е една од гранките каде што голем дел од институциите може да остваруваат профит од својата дејност. Ја охрабруваме на раководните позиции во институциите на културата да постави луѓе со визија и програмски концепт, а постојните кадри да ги мотивира и да им ја разбуди визијата за програмски концепт, маркетинг, одржлив менаџмент, достапност на пазарот, различност во програмските понуди.
 
Ова несфатливо упорно трудење на министерката да се подрие самата себе и да ги антагонизира вработените во гранката што самата таа ја води со ваквите паушални изјави, порачуваме дека нема да ја продлабочи нашата заемна соработка, онака искрена и чесна како што секогаш била, туку само може да ги продлабочи разликите и
спротивставеностите, кои, во рамките на соработката на која таа инсистира, нема да вродат со никаков плод.
Советот на СКРМ
 

 

 

 

28.07.2022 - 18:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега