Скандал во Бундестагот: Пратеници оствариле профит од трговија со маски за време на ковид-кризата

Скандал ја тресе Германија. Пратеници од Бундестагот оствариле профит од трговија со заштитини маски на самиот почеток на пандемијата на коронавирус, пренесуваат германски медиуми.

Никола Либел, член на Бундестагот од редовите на Христијанско-демократската унија, денеска најави оставка и напуштање на политиката, откако било откриено дека неговата приватна компанија остварила профит од трговијата со заштитни маски.

Критики пристигнаа денес од опозициските партии, но и од неговите, бидејќи неговата приватна компанија заработила 250.000 евра со трговија со заштитни маски, објави АП.

Овој скандал предизвика остри критики и во државата Баден-Виртемберг, од каде потекнува законодавецот Либел. Сузан Ајзенман, партиска колешка на Либел и кандидат за претседател на покраинската влада, за неделникот „Шпигел“ изјави дека „е неприфатливо член на парламентот да се збогати за време на сериозна криза“.

Либел најави дека веднаш ќе го напушти парламентарниот клуб на неговата партија во Бундестагот и дека ќе се повлече од функцијата заменик и од членството во парламентарниот комитет за надворешни работи.

„ Преземам одговорност за она што го направив“, рече Либел.

„Дојче веле“ вчера објави дека неколкумина пратеници oд владејачката Германска христијанско-демократска унија (ЦДУ) се осомничени дека собрале стотици илјади евра за да лобираат за купување маски за одредени компании.

Федералниот пратеник на Баварската христијанска социјална унија (ЦСУ), сестринската партија на ЦДУ, Георг Нислејн, вчера поднесе оставка од функцијата заменик-шеф на парламентарната група и најави дека нема да учествува на следните избори.

Тој е осомничен дека зел 660.000 евра од консултантска компанија за да им помогне на одредени производители на заштитни маски да добијат големи владини налози.

Минатата недела Државното обвинителство во Минхен објави дека постои основано сомнение дека станува збор за примање мито, а биле извршени рации на дури тринаесет локации во Германија и Лихтенштајн.

МАКФАКС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.03.2021 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега