Зголемена фреквенција на возила и утрово е регистрирана на граничниот премин „Евзони“ за влез во Грција, каде голем број македонски граѓани го користат продолжениот викенд за патување кон грчките летувалишта.

Според информации од патници кои утрово ја минале границата, на македонска страна, односно на граничниот премин „Богородица“, се формираат колони поради зголемениот број возила. Времето на чекање за патничките автомобили изнесува околу половина час, додека кај автобусите задржувањата се значително подолги и во одредени периоди достигнуваат и по неколку часа.

По преминувањето на македонската граница, патниците се соочуваат со дополнителни контроли и на грчката страна, каде фреквенцијата исто така е зголемена поради почетокот на туристичката сезона и викенд-патувањата.

На подолгите задржувања влијание има и новиот европски систем Entry/Exit System (EES), кој е наменет за дигитална евиденција на влезот и излезот на државјани на земји што не се членки на Европската Унија. Со системот се врши регистрација на патниците и нивните биометриски податоци, што ја продолжува постапката на граничните контроли, особено во периоди на зголемена фреквенција.

Токму поради тоа, во изминатиот период на повеќе гранични премини кон земјите од Европската Унија се бележат подолги задржувања, особено за организирани туристички групи и автобуски превоз.

Се очекува засилената фреквенција на „Богородица“ и „Евзони“ да продолжи и во текот на денот, па на патниците им се препорачува навремено да го планираат патувањето и да предвидат дополнително време за преминување на границата.

Exit mobile version