СИРИЗА: Ако не беше Договорот од Преспа немаше да постои одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Грција

Ја потсетуваме Владата дека причината што веќе постои договор за одбранбена соработка меѓу Грција и Северна Македонија, како и преземање на нејзината воздушна одбрана од грчки воени авиони, обука на специјалните сили, падобранци и нуркачи, обука за сајбер -одбрана и заеднички вежби на двете земји, е Договорот од Преспа, соопштуваат од грчката партија СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина. 

Соопштението доаѓа откако вчера, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на редовниот брифинг со новинарите го коментираше потпишаниот договорот за воена соработка меѓу  Македонија и Турција и рече дека во пракса се покажува дека се наивни и површни ставовите дека Договорот од Преспа ќе претставуваше пречка за било каква соработка на Турција со  Македонија, додаде дека Грција го следи овој договор, но и спомена дека Скопје и Атина веќе имаат свој одбранбен договор.

-Изјавата на портпаролот на Владата дека Владата го „следи“ Договорот за одбрана Турција- Северна Македонија е недостојна за коментар, во момент кога самата Влада поткопува било каква можност за развој на стратешки односи со Северна Македонија, па такс го остава полето широко отворено за Турција, соопштуваат од СИРИЗА.

Од опозициската партија преку соопштението упатија критики до актуелната грчка Влада дека не е способна да ги брани националните интереси „поради нејзините внатрешни противречности, нешто што се рефлектира во проширувањето на турското влијание во регионот, како што е потврдено со неодамнешниот одбранбен договор на Северна Македонија со Турција“.

Паралелно, уште еднаш упатуваат критики дека Владата сè уште не ги има донесено за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Македонија.

-Впрочем, како може господинот Мицотакис да ги промовира националните интереси во Северна Македонија кога две години не ги носи за ратификација трите договори, под страв од господинот Самарас?, коментираат од СИРИЗА.

20.08.2021 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега