Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска напладне ќе ја реализира втората од најавените три предупредувачки блокади. По Собранието, на ред е Стопанската комора во центарот на Скопје, каде синдикалците ќе го искажат револтот кон работодавачите.
Главните барања на ССМ остануваат непроменети: зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за 6.000 денари. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека блокадата ќе ја изведат 21 претставник, согласно законскиот минимум, но повика и други да се приклучат.
„Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија да ги зголемат платите, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија“, рече Трендафилов.
Причина за радикалните чекори е растот на трошоците за живот. Синдикалната потрошувачка кошничка во јануари пораснала за 900 денари и достигнала 66.413 денари (или 81.788 денари со кирија). Владата засега останува на ставот дека решението треба да се најде преку дијалог меѓу синдикатите и работодавачите, посочувајќи на законското усогласување во март кое ќе донесе раст од само 1.500 до 1.700 денари.


