Син на српски моќник со автомобил кој уби девојка на пешачки осуден на домашен затвор

Александар Митровиќ, син на сопственикот на телевизија „Пинк“, Жељко Митровиќ, ја доби пресудата за несреќата од 2013-та година кога со својот автомобил уби 17-годишна девојка.

Македонската јавност беше шокирана откако судијката Елена Илиевска Јосифовиќ од Основниот кривичен суд Скопје, неодамна изрече условна казна затвор за возач на џип кој уби 32-годишен возач на мотор и неговата бремена сопруга го изгуби бебето, а сега од соседна Србија пристигнува сличен бизарен случај.

Александар Митровиќ вчера беше осуден на 11 месеци домашен затвор со електронски надзор, како и забрана за управување со возила од „Б“ категорија на една година поради сообраќајната несреќа во 2013-та година, кога на пешачки премин ја прегази 17-годишната Андреа Бојаниќ.

Митровиќ не ни присуствувал на изрекувањето на пресудата, а судијката во образложението на пресудата ги наведе причините поради кој Митровиќ е прогласен за виновен за несреќата во која настрадала Андреа.

„Се прогласува за виновен затоа што на 18.07.2013-та година во 22:45 часот, не се придржувал до сообраќајните прописи и се движел со поголема брзина од дозволената која била ограничена на 50 километри на час и притоа направил тешко дело против безбедноста на јавниот сообраќај“, истакна судијката и му наложи на Митровиќ да ги плати судските трошоци.

Александар Митровиќ на 18-ти јули 2013-та година, возејќи џип марка „БМВ“, на пешачки премин ја удри и усмрти 17-годишната Андреа Бојаниќ.

Обвинителството во обвинението тврдеше дека Митровиќ во моментот на несреќата возел со брзина од 81 километар на час, а од силината на ударот Андреа одлетала 29 метри.

Митровиќ по несреќата дури и побегнал од лице место, а потоа самиот се пријавил во полиција во придружба на неговиот татко Жељко.

Таткото на Андреа Бојаниќ кој присуствуваше во судницата, не сакаше да ја коментира пресудата, како ниту неговите адвокати.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.10.2020 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега