Симнување на Светиот Дух на апостолите: Обичајот вели дека денеска треба да носите лук во џебот

 

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква

Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од 12-те големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци. Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“.

Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.

Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. 

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти со кој се моли за дожд и родна година. Еден од обичаите вели дека денеска треба да се носи или пелин во џебот за да се заштитме од  несреќи.

Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.

А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.

На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат.

Во минатото христијаните на овој ден ги кителе црквите и гробовите, но и куќите со цвеќе и зелени гранки. Со обновувањето на природата во овој период од годината тие симболично гледале и обновување на својата сила што било резултат на примањето на Светиот Дух.

Кај нас до денес е задржан обичајот на овој ден  на гробовите да се носат дулиња (бардачиња). Во некои краишта тие се оставаат на гробовите и во текот на годината кога се оди на гробот се дополнуваат со вода, а во други места се раздаваат најчесто на поблиски роднини и пријатели, се носат дома и од нив се пие вода за душа од умрените и за споменување на нивните имиња. Има и други верувања поврзани со овој ден. Така на пр. се верува дека ако човек умрел од Цветници (Лазара) до Духовден одел право во рајот. Во некои краишта (Гевгелиско) брзале до Духовден да го дожнијат јачменот зашто потоа дувале силни ветрови и го уривале родот.

 

 

 

 

27.05.2018 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа