Симевски: Лицата кои не се во државата ќе бидат попишани во посебна категорија

Наша цел е по најавениот попис на населението во април, следниот попис да биде исклучиво базиран на податоци од регистри, изјави вечерва директорот на Заводот за статистика, Апостол Симевски.

При гостувањето во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма, во однос на информциите за можен бојкот на пописот од страна на опозицијата, Симевски рече дека тоа би била најлошата одлука што би можел да ја донесе некој политички субјект, посочувајќи оти на тој начин само ќе направи штета, односно „никаква корист за никого“.

– Така ќе останеме и понатаму единствената земја којашто ќе нема податоци од попис, ќе останеме единствената земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект и ќе останеме црната дупка во светот како единствена земја што не го направила тоа и каде што никој нема да не третира како било каков партнер, нема да ни дојде ниту еден инвеститор повеќе во државата за да инвестира, немајќи никаква информација за тоа што нуди овој пазар како официјална работна сила, каков е овој пазар како потрошувачки, нагласи директорот на Заводот за статистика.

Околу попишувањето на лицата кои се заминати од државата, Симевски наведе дека тие ќе бидат попишани во посебни категории.

– Луѓето претходно се попишуваа плашајќи се дека ако не запишат нема да добијат државјанство или имотно право во државата, па така свесно даваа погрешни изјави и кажуваа дека тие се во државата и оваа бројка ја оптоваруваа дополнително, појасни директорот на Заводот за статистика.

На новинарското прашање околу резиденти, нерезиденти и вкупно население тој објасни дека таа терминологија сега се употребува во Законот и дека лицата кои се подолго отсутни од земјата нема да влезат во вкупниот број на населението.

– Тие ќе бидат запишани со цел да се одредат нивните карактеристики, образование со цел кога ќе се креира политиката да се знае дали од државата имаме одлив на мозоци и какви профили на луѓе заминале од земјава, додаде Симевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.01.2021 - 21:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа