Ingram Micro е најголемиот ИТ дистрибутер во светот, компанија која минатата година се врати на Њујоршката берза со 48 милијарди долари нето продажба и која достигнува до речиси 90 отсто од светската популација. Но во овој дел од Европа, нејзината приказна има јасен центар а тоа е Скопје. Од македонската канцеларија, една од клучните бази во Адриатик регионот, и со портфолио од најголемите технолошки имиња, вендори како Cisco, Microsoft, Dell, IBM, Check Point, Veeam, компанијата го предводи и поврзува поширокиот регион, од Македонија вклучително Албанија и Косово. Филип Силјановски, кој го предводи присуството на компанијата во регионот, за Press24 говори за визијата Македонија да биде центарот од кој се носат одлуки за технолошката иднина, а не периферија што чека одлуки однадвор.

Screenshot

Press24: Зошто Македонија е во центарот на вашата регионална стратегија?

Филип Силјановски: Затоа што Македонија одамна го надмина статусот на „уште еден пазар“. Од Скопје ние не покриваме само домашен терен, токму оттука го водиме и поврзуваме поширокиот регион. Скопската канцеларија е една од нашите клучни бази во Адриатик регионот, со тим што секојдневно поставува стандарди, освен за домашните партнери, туку и за соработката со пазарите околу нас. Кога говорам за визија, таа почнува тука, Македонија да биде центарот од кој се носат одлуки, а не периферија што чека одлуки однадвор. Имаме кадар, имаме искуство и имаме настан што го собира целиот регион на едно место, во Охрид веќе шест години по ред, платформата Ingram Micro & Vendors Networking. Тоа не е случајност. Тоа е свесен избор Македонија да биде местото каде што се случуваат работите.

Press24: Во претходниот разговор го истакнавте токму тоа дека Македонија станува централно место за носење одлуки. Што претставува сетоа тоа?

Филип Силјановски: Комбинација од подготвеност и позиција. Подготвеност затоа што имаме професионален писмен кадар што работи на глобални проекти од Скопје. Позиција, затоа што и географски и деловно, Македонија е природна точка на поврзување кон Албанија, Косово и пошироко. Од таа точка, лидерството не е амбиција, туку логика. Ние не чекаме светот да дојде до нас, ние сме местото каде што светските вендори веќе се пласираат во регионот. И тоа ја менува сликата, Македонија не е „мал пазар на работ на Европа“, туку центар на одлучување за технолошката иднина на овој дел од континентот. Самодовербата е заслужена, бидејќи зад неа има резултати и професионален кадар.

Press24: Што конкретно прави Ingram Micro од Скопје за да ја одигра таа улога?

Филип Силјановски: Скопската канцеларија е дел од мрежа од четири канцеларии во Адриатик регионот, но за нас таа не е само една од нив, туку ние сме оперативно и стратешко јадро за овој простор. Оттука споделуваме експертиза, логистика, обуки, сертификации и комплетна поддршка кон партнерите, и домашни и регионални. Партнер вендор што работи со нас во Македонија добива пристап до знаење од колеги во регионот и од европските центри на компанијата за неколку часа. А врвот на сето тоа е Ingram Micro & Vendors Networking, настан што го создадовме и што го одржуваме токму тука, во Охрид. Петтото издание собра речиси 200 високи одлучувачи, а Македонија беше домаќинот што ги донесе сите на едно место. Тоа е дефиниција на лидерство, не да зборуваш само за регионот, туку да бидеш местото каде регионот се среќава.

Press24: Кои се најголемите предизвици пред таа визија?

Филип Силјановски: Ќе бидам директен, две работи се клучни. Првата е одливот на таленти. Македонија произведува одличен кадар, но премногу од него заминува кон Западот. Нашата стратегија е јасна: да создадеме доволно сериозни можности дома, работа на глобални проекти, реален раст, реална одговорност за најдобрите да немаат потреба да заминуваат за да напредуваат. Втората е менталитетот на „мал пазар“, навиката да чекаме некој друг да ни ја определи иднината. Тоа е најголемиот предизвик на кој се работи, затоа што е во главите, не во економијата. Целата наша работа е спротивна на тоа. Кога ќе ги надминеме овие две суштински сегменти, Македонија има сè што ѝ треба да биде технолошки предводник на регионот, а не следбеник.

Press24: Каква улога играат вендорите и партнерствата?

Филип Силјановски: Централна. Без глобалните вендори, лидерството е празна амбиција; со нив, тоа е изводливо. Кога носиме Cisco, Microsoft, Dell, IBM, Check Point, Veeam и останатите светски лидери до Скопје, ние не носиме само производи, туку носиме стандард од најнапредните економии и го правиме достапен тука, под истите услови. Тоа е она што ја позиционира Македонија на ниво на сериозен играч. И поврзувањето оди во двете насоки: кон вендорите, ние сме гласот што кажува дека вреди да се инвестира во овој пазар, кон домашните партнери, ние сме мостот до пристап што инаку би им бил недостапен. Лидерската позиција на Ingram Micro не е бројка во извештаи, таа е тоа што ѝ дава на Македонија тежина поголема од нејзината големина.

Press24: Каде ќе биде Македонија за пет години, по ваша визија?

Филип Силјановски: Нема да ветувам бројки, пред пет години немаше да поверувам каде сме денес. Но ќе ветам насока. За пет години сакам Македонија да се споменува не како „пазар во развој“, туку како центар од кој се носат одлуки што ја обликуваат технолошката иднина на целиот регион. Сакам младиот инженер во Скопје да не размислува дали да замине, туку што да изгради тука. Сакам глобалните вендори да гледаат на Македонија како на влезна точка кон регионот, не како на фуснота. И сакам Ingram Micro & Vendors Networking да остане еден чекор пред пазарот, местото, тука, каде што се поставуваат прашањата што за две-три години ќе ги одредуваат сите. Времето е ограничено за сите нас. Не го трошете чекајќи некој друг да ја изгради иднината. Изградете ја тука. Тоа е визијата со која работам заедно со тимот, буквално секој ден.

Exit mobile version