Силјановска: Убедена сум дека граѓаните Албанци знаат кому да го доверат својот глас

Овој резултат не го гледам само како гласање за враќање на ВМРО-ДПМНЕ, туку и како гласање за Гордaна Силјановска Давкова. Погледнете ги резултатите во главниот град, во најголемите урбани центри во Македонија и ќе го видите политичкиот земјотрес, рече кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска Давкова, означувајќи го почетокот на изборната кампања за вториот круг.

Според неа резултатите се шокантни и додаде дека нејзините противници најавувале разлика од 150.000 гласови во корист за Пендаровски, што не се случи.

 

-Не треба да сте експерт по избори за да заклучите дека во историјата на европските избори се нема случено ваков колапс на легитимитетот. За 18 месеци да изгубите 40 отсто од гласачите, или околу 200.000 гласачи, е силно предупредување не само за претседателски избори, туку и за очекуван пораз на следните парламентарни избори – изјави Силјановска.

Таа ги искритикува премиерот и владините министри што учествуваат во кампањата на Пендаровски. Како што рече Силјановска, Заев е и нејзин премиер, а министрите се и нејзини министри, но ја пречекориле линијата меѓу држава и партија.

Силјановска рече дека е навредена од квалификациите дека е албанофоб, што за неа ја кажа генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

-Во ЕУ се оди и датум за преговори се добива само со беспоштедна битка со корупцијата, криминалот, непотизмот, само на крилјата на владење на правото. Немаме веќе друг избор, се покажа како се повторува моделот на управување. Мора да посегнеме по радикални промени – додаде таа.

Силјановска ја осуди пораката на косовскиот министер за надворешни работи, кој ги повика Албанците во Македонија да гласаат за кандидатот кој гарантира европска иднина на Македонија, мислејќи на Пендаровски.

-Немам ништо против добрососедски односи со Косово, но ваквата изјава е невообичаена. Низ призма на едно од основните начела на ОН за немешање во внатрешните работи, изборниот процес е внатрешно прашање на било која земја. Убедена сум дека граѓаните Албанци знаат кому да го доверат својот глас – посочи таа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.04.2019 - 16:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега