Сиљановска од Гевгелија: На Македонија и е потребно жена за претседател

Сиљановска Давкова посочи дека политичарите својот легитимитет го црпат од народот и дека токму народот на 21 април а потоа и на 5 мај ќе одлучат дали се задоволни од оваа власт која што според нејзе не направи ништо добро за граѓаните.

 

Вие сте тие кои давате и одземате легитимитет. Вие сте тие од кои зависи нашиот мандат, нивниот мандат и вие оценувате. Дојдете време да го кажете последниот збор дали сте задоволни од оваа власт или не. Одговорот е јасен. Зошто јас како некоја која имаше прекрасен универзитетски дом одлучив да се борам за подобар политички дом, за македонски дом. Ако цел живот ги учам студентите на критика, на критички однос, на критичка промисла, на цврста одбрана на ставовите, сигурно тоа не го правам случајно, туку зошто мислам дека не сте ни човек ако немате свој став, ако не го браните ставот со аргументи а не со лаги, ако не учите на отпор, ако не учите на реформи ако не учите на промени, вели Сиљановска Давкова.

Според нејзе само доколку власта е во вистински раце може да се направат вистински промени и реформи, потенцирајќи дека со владата на СДСМ и Заев тоа е невозможно бидејќи тие за овие две ипол години не направија ништо освен промена на името на Република Македонија.

Само ако власта е во вистински раце можеме заедно да создадеме амбиент за промени, за реформи да почнеме да ја градиме Европа дома зошто не се оди не се патува кон Европа, туку Европа се гради дома. Ако тие за овие речиси две и пол години не сменија ништо освен името, не верувам дека во преостанатиот период знаат, сакаат и умеат како да го сторат тоа, вели Сиљановска Давкова.

Проф. д-р Сиљановска нагласи дека на Македонија и е потребно жена за претседател бидејќи со нејзиниот избор ќе престане егзодусот на иселување на младите од Република Македонија.

Дојде времето кога ние жените треба да дадеме свој придонес видлив придонес на високо политичко ниво во Македонската политичка приказна. Како жени, бидејќи Македонија е жена, татковината е жена, имаме посебна обврска кон тоа. Да не заборавиме на егзодусот на нашите деца, да ги вратиме или задржиме, да ги убедиме дека има шанса за Македонија, но не со нив, туку со нас, рече Силљановска.

Според нејзе со владата на СДСМ и Заев во Македонија нема демократија и стабилни институции туку поединец со моќ да владее и да ги контролира сите институции, што според нејзе тоа е неприфатливо и претставува една голема глупост.

Во оваа земја нема демократија, две и пол години јас не гледам стабилни институции што работат по процедура, гледам само силни поедници кои толку многу моќ концентрирале крај себе што не може да ја контролираат. Кога не се спречени, кога немате кочница од опозиција кога немате спрега и кочница од пратениците кои поинаку мислат од вас, кога немате критичари туку имате обожаватели околу себе тогаш ќе потонете во глупости, посочи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова нагласи дека е потребана темелна реформа во македонското правосудство и заострување на критериумите за избор на судиите се со цел тие навистина да станат независни и професионални во својата работа.

Нужна е темелна реформа на судскиот систем, мора да се заострат критериумите на изборот на судиите, мора да се знае дека не се станува судија со  партиска книшка и со партиски збори, туку со диплома, со знаење, со судска академија, со јазици. Само така ќе имаме независно судство, порача таа.

Сиљановска Давкова истакна дека за жал единствена реформа на владата е промената на името надвор од границите на правото, потенцирајќи дека владата и нејзините 26 министри нема да направат ништо друго во периодот што им преостанува, односно како што рече таа тие немаат идеја, визија и програма

За две и пол години имаме само една промена и тоа најнеочекуваната, најболната, најнеобмислената, најтешката, нешто што е надвор од било кое очекување промената на името. Ако е најголемата реформа јас не верувам дека замислете 26 министри можат нешто друго да направат. Тие можат да делуваат само по наредба. Тие немаат сопствена креација зошто немаат сопствена програма, зошто немаат сопствена визија зошто не умеат да креираат сопствени политики, се што сторија е надвор од границите на правото. Тоа веќе не смееме да го толерираме, објасни таа.

Сиљановска порача дека токму 21 април а потоа и 5 мај се датумите кога мора да се стави крај на сите лаги и манипулации на СДСМ и дека конечно со нејзината победа ќе се врати правото и правдата во Република Македонија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.04.2019 - 22:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега