Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во денешното годишно обраќање пред пратениците во Собранието повика на национален консензус во однос на евроинтеграциите и потенцира дека проблемот не е само административен туку лежи во уставните амандамни нагласувајќи дека тоа е политички критериум. Според неа, потребни се јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија.
Осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, Сиљановска – Давкова рече сите ние ќе ја носиме траумата од трагедијата во Кочани посочувајќи, меѓу другото, дека со пожарот во кој загинаа 63 лица, на површина излегоа стихијното одлучување недостигот на системска култура, неказнивост и ја истакна потребата за длабоко преиспитување.
– Кочани не доведе до ѕидот на срамот, рече таа.
Побара од политичките партии и политичарите да ги прекинат препукувањата на дневна основа на сметка на судскиот процес за Кочани. Со овој судски процес, како што рече, ќе се види дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај граѓаните. Неслучајно, додаде таа, преговорите со ЕУ почнуваат и завршуваат со правосудството.

