Сиљановска Давкова и МОМ ја зајакнуваат соработката во областа на граничната контрола
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Драган Алексоски, в.д. регионален директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија.
На средбата беше разговарано за соработката на македонските институции со Меѓународната организација за миграција и можностите за нејзино продлабочување, за областите во миграциската политика на кои треба да им се даде приоритет, како и за претстојните иницијативи и активности на организацијата предвидени за нашата земја.
Изразувајќи благодарност за континуираната посветеност и поддршката од Меѓународната организација за миграција почнувајќи од 1999 година, претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за продолжување на меѓусебното партнерство во градењето на капацитетите за управување со миграцијата, граничната контрола и поддршката на ранливите групи.
На средбата беа разменети мислења за можностите за продолжување на соработката во однос на програмите за трудова миграција, кои ја олеснуваат интеграцијата на мигрантите и го зголемуваат нивниот придонес во националниот развој, како и за можностите за јакнење на соработката во областа на обезбедување на здравствени услуги за мигрантите.
Во таа насока, беше изразен интерес и за соработка на планот на одржливи стратегии за ублажување на ризиците од климатските миграции и управување со миграцијата предизвикана од климатските промени.
На средбата, претседателката беше информирана и за улогата на Меѓународната организација за миграција во спречувањето на насилниот екстремизам и програмите за реинтеграција и рехабилитација на вратените странски терористички борци и нивните семејства.
Претседателката ги реафирмираше посветеноста на земјата во управувањето со легалната и нелегалната миграција, во унапредување на институционалните капацитети и хармонизација на легислативата со меѓународните стандарди, како и напорите за соодветен одговор и управување со кризи на национално ниво и во регионални рамки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа