Силен земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтеровата скала е регистриран во северниот дел на Чиле. Потресот се случил околу 30 километри источно од градот Калама.
Според информациите на Американскиот геолошки завод, земјотресот е регистриран на длабочина од 101 километар во пустината Атакама. Досега нема официјални извештаи за евентуални повредени лица или за предизвикана материјална штета.
Локалните власти веднаш ги смирија претставниците на јавноста во однос на можна дополнителна опасност од океанот.
„Заканата од цунами за брегот на Чиле е исклучена“, изјави Фелипе Плаза од националната агенција за спречување и управување со катастрофи во видео.
Локалните медиуми јавуваат дека земјотресот бил силно почувствуван во регионите Арика, Тарапака, Антофагаста и Атакама. Телевизиските снимки од терен покажаа производи како паѓаат од полиците во супермаркет за време на земјотресот.
Чиле се наоѓа на подрачје каде што се среќаваат три тектонски плочи, со што земјата се вбројува меѓу сеизмички најактивните во светот. Поради ова, локалното население често ги игнорира потресите кои се со јачина под 7 степени.
Оваа земја низ историјата се соочила со неколку катастрофални потреси. Во 1960 година, Чиле беше потресено од најсилниот земјотрес некогаш регистриран, со магнитуда од 9,5 степени, кој ја разори Валдивија и одзеде 9.500 животи.
Подоцна, во 2010 година, уште еден разорен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени предизвика голем бран цунами во кој загинаа повеќе од 520 луѓе.


