Поранешниот директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ Струмица, сам си донел решенија за додаток на плата од 9.000 и 6.000 денари месечно, кои ги земал се до крајот на мандатот во 2024 година.
Освен за себе, тој донел уште осум идентични решенија за додатоци на плата и за други вработени во претпријатието, предизвикувајќи вкупна штета од 864.520 денари.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против 57-годишниот З.Г. од Струмица за „злоупотреба на службената положба и овластување“, дело кое според полицијата го сторил во десет наврати.
„Пријавениот, во својство на директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ Струмица, на 04.08.2020 и 13.10.2021, без да биде направена соодветна анализа согласно Правилникот за плати и други надоместоци на плата на јавното претпријатие и спротивно на законската регулатива, донел решенија за додаток на плата, при што му биле исплаќани по 9.000 и по 6.000 денари месечно, додаток на плата, се до престанокот на неговиот мандат во 2024 година. На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од 552.520 денари. Исто така, во текот на септември и октомври 2021 година, пријавениот донел уште седум идентични решенија за седум други вработени лица во Јавното претпријатие и им биле исплаќани по 6.000 денари месечно до месец март 2022 година, со што се стекнале со противправна имотна корист од 276.000 денари. Додека, пак за едно вработено лице, пријавениот донел решение за додаток на плата заради прилагодување кон пазарот на трудот, за што биле исплаќани по 6.000 денари месечно се до месец март 2022 година и на тој начин се стекнало со противправна имотна корист од 36.000 денари. Со таквите дејствија, пријавениот го оштетил буџетот на ЈПКД „Комуналец“ Струмица во вкупен износ од 864.520 денари.“

