Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ја потврди информацијата која претходно ја брануваше јавноста – во македонското јавно здравство постои случај каде еден доктор за само еден месец заработил вртоглави 700.000 денари (над 11.000 евра). Иако министерот не го откри идентитетот на лекарот ниту институцијата, тој нагласи дека се работи за системски аномалии кои мора да сопрат.
Алиу најави дека е можно да има и кривична одговорност за ваквите исплати кои се коси со секоја логика.
„И Министерството и Владата ги знаат институциите. Не би смеел да кажам детали на прес-конференција за да не загрозам системски процедури, но нашата работа околу ова може да биде завршена за две недели“, изјави Алиу.
Овој случај доаѓа само еден ден откако премиерот Мицкоски од собраниската говорница алармираше за доктори кои со „книжење“ дежурства и додатоци стигнуваат до суми од 10.000 евра месечно.


