Шкријељ: Со услугата помош во домот им го олеснуваме животот на лицата кои не можат сами да се грижат за себе

 Повозрасните лица и лицата кои не можат сами да се грижат за себе е подобро секојдневно да добиваат неколку часа помош и нега во нивниот дом, каде се чувствуваат најпријатно и да продолжат да живеат во својата заедница, отколку да бидат згрижени во институција. Во домашни услови полесно се поднесува староста и состојбите предизвикани со болестите доколку за основните потреби добиваат помош и нега од обучени негователи, вели дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Услуга „помош и нега во домот“, потсетува,  е воведена со новиот Закон за социјална заштита, со која се обезбедува поддршка на лица со намален функционален капацитет како и лицата со најтешка и комбинирана попреченост, потполно слепи лица и хронично болни стари лица,  во домашни услови. Граѓаните ќе можат  да користат помош во домот до 80 часа месечно.

-Концептот е да се прошири можноста за давање социјални услуги и да се промени начинот на финансирање на истите. Државата ќе плаќа по 240 денари за секој час помош од лиценцирани компании и граѓански организации. Секој Центар за социјална работа ќе издава решенија за користење на услугата, а граѓаните на кои услугата им е потребен самостојно ќе одберат давател на услугата, објаснува дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика за „Ал Џезеира Балканс“.

Новиот сервис е дел од социјалната реформа на која Министерството за труд и социјална политика работеше во изминатиот две и пол годишен период. На огласот за изразување интерес за развој на социјални услуги се јавија 65 општини, од кои 56 пројавија интерес токму за услугата помош во домот. Во моментов тече подготовката на предлог проекти од општините за реализирањето на услугата, а рокот за доставување до Министерството за труд и социјална заштита за финансирање е 30 април.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.02.2020 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега