Шилегов во Ѓорче: Инвестиравме над 52 милиони денари во реконструкцијата на училиштето „Кочо Рацин“

Градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски вечерва остварија маалски средби со граѓаните од оваа општина. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова и за Ѓорче Петров, Илија Спасовски.

- Во Ѓорче Петров и во цело Скопје победува Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ затоа што имаме најдобри проекти, најдобра понуда, и најдобар степен на реализација. За нас секој човек е важен, секоја општина е важна, посочи Шилегов.

Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека и во Ѓорче Петров како и во другите скопски општини се вложува во важни капитални проекти.

- Ги реконструиравме улиците Ѓорче Петров и 4-ти јули, а реконструкцијата на улицата Лука Геров завршува до крајот на годината. Ги расчистуваме диви депонии во општината, пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини. Поставуваме нова фекална и атмосферска канализација онаму каде што е потребно. Сето тоа го правиме заедно со локалната власт, за граѓаните на Ѓорче Петров, посочи Шилегов.

- Инвестираме над 52 милиони денари во реконструкција на средното училиште Кочо Рацин која ја започнавме годинава. Обезбедивме прочистувачи за воздух за секоја училница, додава Шилегов.

Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Ѓорче Петров подигнати се над 6.400 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени околу 1000 садници.

- По изградбата на БРТ системот за брз автобуски превоз од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе се стигнува за околу 25 минути. Реконструкцијата на мостот Обединети Нации, новиот мост на Љубљанска продолжувањето и клучката на бул. Словенија, како и затворањето на северниот магистрален прстен иако не се територијата на Ѓорче, во голема мера ќе го олесни движењето на жителите на Ѓорче кон другите скопски населби, најави Шилегов.

-Ревитализацијата на запоставени железнички станици во Ѓорче Петров, Волково, Скопје-Север, Транспортен центар, Маџари и Драчево ќе овозможат интегрирање на железницата во Скопје со јавниот градски превоз, додаде Шилегов.

- Скопје е град за сите и секоја населба е подеднакво важна, без разлика на нејзината оддалеченост од центарот на градот. Работиме на развој на инфраструктурата и подобрување на квалитетот на живот во сите скопски општини и заради тоа е потребно да се одржи континуитет и грижа за секој човек, за секое семејство, за секоја населба и по изборите, нагласи Шилегов.

- Развојот на Скопје нема да запре, нема да назадува, затоа е важно да излеземе на изборите и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје, заклучи Шилегов.

01.10.2021 - 20:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега