Шилегов: Скопје надмина 115 километри велосипедски патеки

Велосипедизмот во Скопје изминативе четири години зема вистински замав. Следејќи го правилото велосипедските патеки задолжително да бидат дел од сите нови сообраќајници што ги гради градот, нивната должина се дуплираше во првиот мандат на Шилегов, но и стандардите на изведбата драстично се подобрија. Ако до неодамна Скопје имаше 50-ина километри патеки, лоцирани на кејот на Вардар и најшироките булевари (Партизанска, Илинденска, Јане Сандански и Александар Македонски), сега градот има поврзани велопатеки од Ѓорче Петров до Пинтија и Маџари. Со пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, велосипедската мрежа изби до самата обиколница.

Но, градоначалникот Шилегов нагласува дека не е сè во километрите: „Работевме на конектори, бидејќи тие ги прават велосипедите функционални. Џабе имавте велопатеки на партизанска и Илинденска, кога немавте начин со точак да преминете од една до друга. Затворањето на Голем Ринг со целосно одвоени велосипедски патеки за мене е многу поважно од квантитетот. Пробивањето на кејот за велосипедите во центарот на градот за мене е многу поважно од колку километри се направиле.“

Бројот на велосипедисти во главниот град е драстично пораснат и тоа е видливо по сите скопски булевари, дури и во зима. Големиот број на топли денови во годината, како и рамниот терен, го прават Скопје град со совршени предуслови за вело метропола. За напредокот на Скопје на ова поле говорат и активистите од соседна Софија кои упатуваат на Скопје како пример како треба да се развива велосипедизмот.

Шилегов додаде: „Развивањето на велосипедизмот не значи само изградба на патеки. Напротив, треба истовремено да се работи и на другите аспекти кои го охрабруваат возењето. Во Скопје денес има неколку стотини нови велопаркинзи, Поделени се над 15.000 субвенции за велосипеди и 600 електрични тротинети, осигурителните компании започнаа да нудат полиси за кражби, го изградивме првиот велоштад под транспортен центар, како и два памптрак полигони за да го популаризираме велосипедот кај младите скопјани.“

24.10.2021 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега