Шилегов: Секој поединец е должен да придонесе во борбата против аерозагадувањето

 

Борбата против аерозагадувањето мора да биде општествена, да се води низ институциите, но и секој од нас поединечно е должен да даде свој придонес, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на НВО Отворениот ден за иницијативи на граѓанските организации во насока на консултација околу Програмата против аерозагадување 2020, што се одржа во Владата.

– Го формиравме акционерското друштво „Градски енергетски системи“ чија примарна дејност е затоплувањето на домовите на скопјани и решавањето на правните, формалните проблеми. Конечно Градот се доведува во правна позиција, може да биде барател за носител на лиценца. На седницата на Советот на Град Скопје во текот на утрешниот ден ќе ги завршиме сите одлуки со цел градот да ја преземе топловодната мрежа и да се доведеме во позиција како град да бидеме фактор во енергетската политика и да можеме на граѓаните на Скопје да им понудиме социјални пакети, бенефити за приклучување кон топловодната мрежа. Градот продолжува со акцијата на субвенционирање на еко печки, рече Шилегов.

Тој потсети дека годинава го решиле и проблемот со депонијата Дрисла и оти е зголемен инспекцискиот надзор, додавајќи дека ваквото поведение на градскиот инспекторат значи удвојување или утројување на бројот на изречените казни.

Шилегов информира дека во текот на наредната недела Градот ќе го потпише договорот за набавките на нови еколошки автобуси.

– Завршена е постапката, очекувам дека некаде до средината на следната година тие автобуси ќе бидат дел од јавниот транспорт и очекувам дека во многу брза иднина со помош од Владата ќе ја објавиме целосната реформа на јавниот транспорт во нашиот град. Императивот што јас го имам до 2021 година е Скопје да биде прогласен за велосипедски град, вели Шилегов.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули вели дека буџетот од оваа година е потрошен во инвестиции за замена на печки во 16 општини, во градинки, основни училишта, и во енергетска ефикасност.

Тој појасни дека секој граѓанин кој ќе сака да добие сто отстотна субвенција за замена на печката на дрво со високоефикасен инвертор ќе потпише договор со општината каде што живее и ќе се обврзе дека ќе го даде грејното тело кое го користи и кое е на дрва и на сметка на тоа ќе користи високо ефикасен инвертор и оти предност ќе имаат најранливите семејства.

Претставничката на „Еко Свест“, Ана Чоловиќ смета дека власта била доста амбициозна кога велела дека за многу брзо ќе ги видиме ефектите од планот за чист воздух.

– Мора да сме свесни дека борбата со аерозагадувањето не е нешто што се решава за кратко време и не е нешто што може да бидеме сигурни дека ќе го решиме со две, три мерки или два плана. Ова е долга борба и не чека многу долгорочни напори и долгорочна посветеност на сите институции. Кога велам сите инстиуции, во интерсекторската работна група за аерозагадување членуваат голем број на министерства кои имаат свои ингеренции, мислам дека тие се уште не се свесни  кои се тие ингеренции или дека можат многу да придонесат со својата активност на оваа тема, порача Чоловиќ.

Таа информира дека до МЖСПП поднеле иницијатива за изготвување на долгорочна стратегија за решавање на проблемот со аерозагадувањето.

– Она за што ние се залагаме е хоризонтално сите сектори да бидат опфатени во планот за чист воздух, да има мерки за сите сектори, ако велиме дека ќе работиме на индустрија што конкретно ќе работиме, бараме конкретизирање на детали и буџетски ставки за овие активности. Ние предложивме да се донесе долгорочна стратегија за управување со квалитетот на воздухот. Од името на еко свест сметам дека треба да почнеме дискусија на национално ниво за нашата трансформација како општество, комплетна трансформација на начинот на живот, вели Чоловиќ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.09.2019 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега