Шилегов: Овие три години немаме екстремно загадени денови

Во демократска држава како Северна Македонија, правото на секој граѓанин е да избира и да биде избран. Ја поздравувам секоја иницијатива што може да придонесе за развој на демократијата и која може да развие алтернативни политики кои потоа заедно би ги имплементирале во пракса, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов во врска со независната советничка листа на еко-активистите кои планираат да влезат во трка на локаланите избори.

-Ќе ги видиме резултатите од изборите и која листа како ќе освои, каква ќе биде структурата на Советот и тогаш од позиција на градоначалник ќе ја реализирам соработката со членовите на Советот на Град Скопје, рече Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања при отворање на бул. „Никола Карев“.

На прашање зошто Скопје не влезе во потесниот круг во трката за „Зелен град“ во Европа, Шилегов одговори дека е задоволен што досега двапати влегол во втората фаза на изборот односно меѓу осум од 30 што конкурираат. Посочи дека има девет критериуми по кои се врши проценката и дека треба да се подобри особено енергетската политика. Дивоградбите не влијаат на изборот зашто, како што рече, се друга проблематика, но дека и правилната урбанизација може да придонесе во позиционирањето при изборот.

-Драго ми е што Скопје вторпат преминува во втората фаза и од 30 градови на почетокот, ние влегуваме меѓу првите осум. Тоа е добар напредок за нашиот град. Тука се врши проценка на стратегиите што градот ги спроведува – од инфраструктура до енергетска политика во чија имплементација сме на почеток. Драго ми е што во рок од три години успеваме Скопје да го симнеме од најзагадените градови во светот подолу од 400-то место. Веќе немаме екстремно загадени денови, во сезоната што помина немавме ниту еден ден во кој требаше да има вонредни мерки, рече Шилегов.

На новинарско прашање градоначалникот одговори дека е одбиена времената мерка од судот и градот продолжува со демонтажа на првата галија во Вардар.

-Таму одиме со демонтажа, не со рушење. Мојата идеја не била никогаш да нанесам штета на корисниците на тие галии, меѓутоа, од друга страна, треба да ги штитам и буџетските интереси на градот, т.е. парите на скопјани и, дури и да трае подолго, сакам тоа да го направиме на начин со кој нема да предизвикаме штета на никого, рече Шилегов.

17.07.2021 - 12:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега