Шилегов: Нови 33 екоавтобуси на гас низ скопските улици

Градоначалникот Шилегов денеска го потпиша Договорот за набавка  на  нови 33 екоавтобуси на гас од компанијата MAN. Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на овие автобуси коишто идната пролет ќе сообраќаат по нашите улици, со што значително ќе се подобри јавниот транспорт на патници во главниот град којшто ќе се вброи во редот европски метрополи коишто користат екоавтобуси.

- Tриесет и три нови еколошки автобуси со погон на гас ќе бидат дел од возниот парк на ЈСП. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Набавуваме 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници – изјави Шилегов на потпишувањето на договорот.

Новите автобуси се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволува стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа.

Тој додаде дека новите автобуси се енергетско ефикасни и дека ако се направи споредба со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП.

- Еден екоавтобус  заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот. Пред 7 години беа набавени 202 двокатни кинески автобуси на дизел, кои чинеа премногу, а се со лош квалитет.  Автобусите секојдневно се расипуваат. ЈСП има проблем со кинеските автобуси поради непостоење на овластен застапник, а со тоа нема сервисна и техничка поддршка. Новите автобуси се со поголем квалитет, двојно поголем капацитет и најважно, не загадуваат - рече Шилегов.

Градот одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја направи по извршеното тест возење во текот минатата година кога низ Скопје пробно сообраќаа 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус од различни производители, вклучувајќи го и автобусот од MAN којшто според патниците беше најдобро оценет и најсоодветен за јавниот сообраќај во Скопје. 

- Пo собрaното искуство, почнуваме обнова на возниот парк на ЈСП. Скопје добива автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните кои го користат – порача Шилегов.

Градот Скопје за ЈСП ќе набави 33 нископодни MAN CNG автобуси, 21 соло и 12 зглобни коишто ќе овозможат превезување на речиси двојно повеќе патници од двокатните, ќе имаат поголем простор и комоција за движење, што ќе придонесе за побрз проток на патниците низ возилото, со повеќе врати за влез и излез, како и валидатори на предната и на задната врата.

Ваков тип на екоавтобуси веќе се дел од јавниот превоз на Норвешка, Унгарија, Шпанија и Полска.

- Редовното одржување на автобусите во гарантниот период од три години е една од најзначајните карактеристики на целокупната набавка. Да истакнам дека во новите автобуси ќе има можност за валидација на најмалку две места во возилото, што исто така ќе придонесе за побрз проток на патниците при влез/излез во возилото – истакна директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.

MAN е германска компанија со мнозинска сопственост на Volkswagen. Компанијата е со седиште во Минхен, а има свои овластени преставништва нив цел свет. MAN преставува една од водечките меѓународни добавувачи на комерцијални возила и транспортни решенија во Европа.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.09.2019 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега