Шилегов: Никогаш нека не згасне споменот на нашите ослободители

Тринаесетти ноември не обврзува на почит и верност кон градот, но и никогаш да не заборавиме колку е скапа слободата. Ако сите го сакаме овој град како што го сакаа нашите ослободители, тогаш и само тогаш Скопје ќе биде несомнено многу поубаво место за живеење. Нека ни е честита 75-годишнината од ослободувањето на Скопје. Никогаш да не згасне споменот на нашите ослободители. Честит 13 Ноември. Ова денеска го порача скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред Споменикот на ослободителите на Скопје кај Владата на РСМ.

Шилегов изрази благодарност и длабока почит до борците кои ги положиле своите животи за нашата подобра иднина, за слободата на градот, меѓу кои биле Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски-Корчагин, Александар Урдаревски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Дане Крапчев, Боро Петрушевски… Изрази благодарност и до преживеаните борци кои, како што рече, сте тука за да не потсетите за овој 13 ноември пред 75 години и на бројните херојски борби.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОБ Трајко Стаматовски се осврна на ослободувањето на Скопје кое, како што рече, дојде како плод на долгогодишна тешка и упорна борба на целиот македонски народ предводен од неговите најнапредни сили. Потсети дека животот го положиле 398 млади луѓе, меѓу кои Панче Арсовски, Драга Стојановска…

Тој истакна дека ја следат актуелната состојба во земјата, приклучувањето во НАТО и добивањето датум за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ.

– Сојузот на борците од НОБ будно ја следи ситуацијата во земјата, и политичката и економската. Како извојувачи на победата во војната и творци на првата слободна држава на нашиот народ ние не можеме да бидеме на страна од актуелните случувања. Ние мораме да ги цениме напорите на власта, но и државата мора да има разбирање за нашите погледи и за нашите чувства, рече Стаматовски.

Нам ни пречи, како што рече, крајната нетолеранција меѓу поголемите партии.

– Не можеме да ја разбереме високата корупција и криминал, имаме критички однос кон развлекувањето на судските процеси. Посебно сме огорчени од сквернавењето на значајните датуми на историјата на НОБ, особено од вандалското рушење и на бистите на великаните од НОБ, рече Стаматовски.

Се осврна и на претстојните предвремени парламенатрни избори закажани за 12 април, пожела изборната кампања и самите избори да поминат во фер и демократска атмосфера, без никакви посериозни инциденти.

– Таа ќе биде внимателно следена од меѓународниот фактор, па од нејзиниот тек и исход во голема мера ќе зависи и односот на тој фактор кон нашата земја. Пожелуваме понатамошен развој на демократијата во земјата, почит на различното мислење, избегнување да се изнесуваат очигледни шпекулации. Да ги почитуваме придобивките од НОБ, да ги цениме напорите на идните нашите нови генерации за врвење по вистинскиот пат се со цел да извојуваме подобар живот на нашиот народ. Да живее, да се развива и да цути нашето сакано Скопје, порача Стаматовски.

Пред Споменикот на ослободителите на Скопје цвеќе положија делегации на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, на Владата, на Собранието, делегации на дипломатскиот кор, на Советот на Град Скопје, на политичките партии, oпштините на Град Скопје, јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје, делегација на Црвениот крст и граѓани на Скопје.

Градоначалникот Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева денеска се сретнаа со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.11.2019 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега