Шилегов најави нови стандарди при изградба на улиците и градските тротоари во Скопје

Нови стандарди за одржлива урбана мобилност воведува Градот Скопје, при изградба и реконструкција на улиците и тротоарите. Со овие стандарди, се подобрува квалитетот на широките тротоари и велосипедските патеки на булеварот „11 Октомври“, „8 Септември“, „Партизански одреди“, „Даме Груев“ и други.

Како што соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на булеварот „11 Октомври“, на потегот од булеварот „Кочо Рацин“ до улицата „Стив Наумов“ – „Филип Втори Македонски“, покрај коловозот, се реконструирани и тротоарите и велосипедските патеки согласно најновите стандарди за одржлива урбана мобилност.

Тој појасни дека велосипедската патека и тротоарот се доволно широки и физички одвоени со жардинјера со средишно зеленило или со дрворед за кои е поставен систем за наводнување капка по капка.

Велосипедската и пешачката патека од коловозот, како што рече, се одвоени со заштитни столпчиња што дополнително ја зголемува безбедноста на пешаците и велосипедистите. За пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и како таков поволен за пешачење.

– Мојата идеја е дека во следните две децении нашиот град треба да стане град со одржлив развој, град во кој надвор од автомобилскиот, секако мора да имаме соодветна инфраструктура и на алтернативниот сообраќај, пред се на велосипедскиот и на пешачкиот, како стандарди на коишто јас со граѓаните зборував во текот на мојата изборна кампања, а очекувам дека и граѓаните сакаат да ги применуваат, рече Шилегов на прес-конференција.

Според градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ова е само еден доказ како се поставуваат одредени стандарди за уредување не само за коловозните ленти, туку и местата кои се наменети за пешаци.

-Сакам да напоменам за патеката по која би се движеле лицата со оштетен вид, ќе видите на кој начин се изведени, а сетете се претходно како беа изведени со едни пластики кои сега воопшто ги нема или се откорнати. Нешто се правело само ради ред, а не со почитување на некои норми. Ова е нешто што ќе остане трајно и засекогаш пред се на граѓаните на општина Центар но и на граѓаните на Скопје кои ги користат овие сообраќајници, рече Богдановиќ на денешната прес-конференција.

Додаде дека не треба да се инвестира само во субвенционирање и стимулирање на алтернативниот превоз, како што е користење на велосипеди за кои и градот и општината дава субвенции,туку потребно е да се изгради и инфраструктура.

-Јас сум среќен што на територија на општина Центар се повеќе и повеќе се ослободуваат пешачките патеки односно тротоарите, и на овој начин се воспоставува можност да сите останати кои се движат низ територија на општина Центар да можат да имаат современи услови за да го користат, а за тоа ее пример овие стази и овие пешачки патеки, додаде Богдановиќ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.11.2020 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа