Шилегов најави К15 за пожарникарите и вработените во Град Скопје

 

Повеќе пари за реконструкција и подигнување на јавното зеленило, за расчистување на дивите депонии и дополнителни 15,5 милиони денари за основање на новото акционерско друштво за енергетски дејности и за гасификација се предвидени во Предлог-измените на Буџетот на Град Скопје кои денеска ги разгледуваат советниците на Град Скопје.

Градоначалникот Петре Шилегов појасни дека најголемите промени во вкупните предвидени средства се однесуваат на секторот за комунални работи каде што е предвидено зголемување на средствата за 67.150.000 денари. За реконструкција и подигнување на јавно зеленило предвидени се дополнителни 40 милиони денари, а за расчистување на дивите депонии дополнителни пет милиони денари.

Најмногу средства се кратат во секторот за сообраќај каде е предвидено намалување за 104.850.000 денари. Намалување има и во секторите за планирање и уредување на просторот, јавни дејности и локален економски развој, а незначителни промени во секторите за информатичка технологија и модернизација, животна средина, образование, меѓународна соработка, инспекторат, како и кај Бригадата за противпожарна заштита.

Во делот на капиталните расходи од областа на урбанизмот предвидени се средства кои се однесуваат на можна изградба на улиците „Есенинова“ и „Боца Иванова“, реконструкција на булеварот „Никола Карев“, изградба, одржување и реконструкција на улиците „Брадфордска“, „Македонско-косовска бригада“, „Андон Димитров“ (Жарко Зрењанин) и „Живко Фирфов“ (Ужичка Република); како и на изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

Основниот буџет во вкупен износ е намален за 27 милиони денари.

Шилегов рече дека се предвидени средства и за урбанизација, а на вработените во Град Скопје и пожарникарите им најави дека ќе имаат право за користење на К-15 во износ од 15 илјади денари, пренесе Алсат.

 

 

 

20.06.2018 - 18:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа