Шилегов: Мора да се расчистат тротоарите на Бит пазар, нелегалните продавачи да ја прифатат понудата

 

Град Скопје не отстапува од намерата да ги расчисти тротоарите на Бит пазар и ги повикува дивите пазарџии да ги прекинат блокадите и да ја прифатат понудата дадена од Градот Скопје, Општина Чаир и Скопски пазар да го легализираат своето работење во рамки на пазарот.

Градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција денеска истакна дека Градот Скопје мора да го  реши хаосот што се создава во овој дел и да го уреди овој простор и ги повика продавачите кои овие неколку дена ги блокираат улиците да ја прифатат подадената рака и да продолжат да работат во рамките на Бит пазар користејќи ги поволностите кои им се овозможуваат.

- Хаосот на Бит пазар, што е долгогодишен проблем, мора да се реши. Град одлучи да го уреди овој дел, а за таа цел на овој потег ќе се реконструираат тротоарите, ќе се постават столпчиња и жардиниери, ќе се уреди такси-станица, ќе се засадат дрвореди, реконструираат и осветлат пасажите од булеварот кон чаршијата и ќе се ослободат тротоарите од дивопоставените тезги, рече Шилегов.

Тој  нагласи дека целта е заедно да изградат партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ниту трговците, ниту учесниците во сообраќајот.

-Веруваме дека нашите сограѓани многу брзо ќе ги согледаат придобивките од ваквиот потег и ќе ја поздрават оваа иницијатива за конечно решавање на проблемите со кои повеќе години се соочуваат граѓаните на Скопје на овој потег, истакна градоначалникот Шилегов.

Информира дека досега се остварени неколку средби со продавачите на дивопоставените тезги кај Бит-пазар и оти од нова средба нема потреба бидејќи веќе е продолжена акцијата која траеше до 5 април .

- Имавме и заедничка трибина на која присуствуваа градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од „Скопски пазар“ А.Д Скопје и еснафите од Старата скопска чаршија, што прд повеќе од еден месец се оддржа во Занаетчиската комора. Овозможивме бесплатни тезги за два месеца за продавачите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат на тие тезги. Овозможуваме сите да бидат еднакви, со еднакви услови за работа на пазарот. Отворено кажувам дека еднакво внимание укажуваме за развој на двете страни на Вардар. Правилата и редот мора да важат насекаде, рече градоначалникот Шилегов.

Тој објасни дека станува збор за не повеќе од 30 продавачи на дивопоставени тезги на тротоарот на булеварот „Крсте Мисирков“, кои имаат поволности да добијат бесплатни тезги на Бит-пазар. Во моментов на Бит-пазар има 130 слободни тезги што можат да ги добијат овие продавачи.

- Не сакаме никого да оставиме без работа или да го спречиме да си ја продава стоката. Затоа предвидуваме транзициски период со бенефиции за да може секој да се снајде. Овој чекор го преземаме со цел да ги вратиме купувачите во чаршијата и на пазарот и да овозможиме полесна пристапност до тезгите и до дуќаните. Воведувањето ред на ова место значи и поголема безбедност и пофункционален град. Јас немам обврска да овозможувам бесплатни тезги за пазарџиите, но имам обврска да ги уредам тротоарите, и да им овозможам на граѓаните пристапност до пазарот, посочи Шилегов наведувајќи дека додека продавачите на дивопоставените тезги не сакаат да плаќаат, а сакаат да имаат ексклузивни места за продажба

Дивите пазарџии неколку дена го блокираат сообраќајот на овој булевар, а сообраќајот е блокиран и денеска.

 

 

 

16.05.2018 - 13:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега