Шилегов: Ќе биде распишан оглас за прием на 30 нови пожарникари

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска изјави дека Градот не е тој што ја определува висината на платата на пожарникарите и надоместокот којшто тие го имаат.

Одговарајќи на новинарско прашење, Шилегов појасни дека тоа го имаат преземено и го трансферираат до пожарникарите, по пат на блок дотациите што ги добиваат од централната власт. Тој додаде дека исто е и со негувателките во градинките, професорите во основните и средни училишта. – Не нешто што автономно зависи од нашата  одлука, нагласи Шилегов.

– Во сетот на зголемување на платите што како СДСМ го направивме на делови од државната администрација пред ковид мерките не беа вклучени пожарникарите, беа планирани за некој подоцнежен период. Меѓутоа дозволете и ние како луѓе коишто ги водат институциите, сепак мораме да водиме сметка и за буџетските биланси што ги имаме, што на Град, што на централно ниво. Јас сум убеден, познавајќи го и претседателот на Владата, Зоран Заев и неговото перманетно обраќање до јавноста за зголемување на платите, зголемување  на минималната плата, зголемување на просечната плата  дека државата ќе успее да изнајде средства како да дојде до зголемување на платите на пожарникарите, изјави Шилегов на денешната прес-конференција.

Градоначалникот Шилегов вели дека со нив не е разговорано и немаат доставено барање од ниту еден од синдикатите.

– Не сакам да помислам дека можеби тоа што не до крај одговараме како институции  на желбата нивна на зголемување на плата  може да биде злоупотребувано од некои структури со цел  да се прикаже состојба која што едноставно  ја нема, вели Шилегов.

Шилегов потенцира дека пожарникарите секогаш ја добиваат платата на време.

–  Град Скопје има исплатено 78 милиони денари во изминативе две години за дополнителните часови, по основ на тужбите коишто ги имаат пожарникарите. Така што мислам дека станува збор за можна злоупотреба или манипулација на пожарникарите, а она што го знам е дека беше во план, сепак треба да се видат состојбите во централниот буџет за зголемување на блок дотациите. За мене императив и обврска на Градот е личната безбедност и опремата да ја кренеме на сериозно квалитетно ниво, нешто што досега е направено, рече Шилегов.

Тој најави дека набргу ќе биде распишан оглас за прием на најмалку 30 нови пожарникари, бидејќи тоа е бројот на луѓето коишто заминаа во пензија  или заминуваат во пензија во текот на оваа година. Додаде дека нема да дозволи да падне бројот на пожарникари под минимумот којшто може да гарантира безбедност во сите делови во Скопје.

Шилегов објасни дека пожарникарите за неколку месеци ќе добијат скала за гаснење пожари во висококатници.

– Завршена е таа постапака. Со што за високите делови, што не беа покриени  во минатото, во изминатите 20 години никој не водел сметка за висококатниците, скалата која ја набави Градот, за која што потпишавме договор и којашто треба да биде најдоцна до крајот  на февруари идната година, пристигнува во Скопје. И сите делови  на градот без оглед на височината на  зградите едноставно ќе може да бидат покриени  со можност за интервенција на  пожарникарите, рече Шилегов. Додаде дека до пред извесен период  за тоа не се размислувало и, како што рече, скопјани свесно или не, некој ги држел за сериозен ризик  и за нивниот имот и за  нивното здравје. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.09.2020 - 17:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега