Шилегов ја повика опозицијата на дебата за продажбата на Градската куќа

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска соопшти дека ќе се обидат да ја продадат Градската куќа и додаде оти не знае кој ќе се пријави на јавната аукција и дали ќе успее продажбата.

–  Ми се допаѓа идејата дека Градската куќа треба да биде во централното градско подрачје, на самиот плоштад бидејќи тоа е стандард што постои секаде во Европа, секаде во светот. Ако беше таа локација толку атрактивна како што се обидуваат од опозицијата да прикажат изминативе неколку дена, зошто тогаш не го подучија Сашо Мијалков да го направи таму хотелот, а на местото на „Мериот“ да ја имавме Градската куќа, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.

– Не е местото на Град Скопје фрлен некаде на страна. И сега се наоѓаме на страна и тоа било дефинирано како привремено решение во 1965 година. Често знам да кажам дека, за жал, изминативе 30 години за Скопје немало целосно грижа. Криво ми е што неколкуте локации што беа слободни на плоштадот не беа искористени за да се направи навистина добар, репрезентативен објект за нашиот град, како што е секаде во светот, посочи Шилегов. Додаде дека така е во Софија, Тирана, Подгорица, Љубљана, каде градските куќи уште од времето биле поставувани на централно место.

За жал, како што рече, ние сме жртви на една тотална негрижа на Градот.

Прашан зошто Градот потрошил 3,2 милиони евра во довршување на Градската куќа, Шилегов рече дека објектот требало да се заврши, бил обврзан со договор, во јавна набавка.

– И беше во интерес на Градот да го заврши што е можно побргу за да може да го понуди на ваква јавна аукција. Во текот на денешниот ден до сите советнички групи е упатен допис од моја страна, како градоначалник, да именуваат свој претставник кој ќе врши надзор врз работата на Комисијата која ќе ја врши продажбата, рече Шилегов.

За темата Градска куќа, како што рече, очигледно е дека опозицијата немаше никави аргументи и затоа ја напушти седницата и одбира да пласира еднострано, невистини и глупости на прес-конференции.

– Ако имаа било какви аргументи зошто ја напуштија седницата на Советот на Град Скопје? Таму требаше да ги соочиме аргументите – за или против продажбата. Вака сега ќе свикуваме прес-конференции, ќе кажуваме лаги, ќе претпоставуваме хипотетички ситуации затоа што нема кој да ви одговори. Кога сакаат, каде сакаат, на било кој медиум, во било кое време, било кој претставник на опозицијата, јас сум подготвен да се соочиме. Ама не еднострано. Не на прес-конференции каде ќе изнесуваат лаги. Нека дојдат на мегдан ако имаат аргументи да ги кажат, рече Шилегов. Додаде дека е подготвен со аргументи да дебатира со опозицијата, а не еднострано да се пласираат вести. Според него, местото за споделување аргументи е Советот на Град Скопје.

Шилегов и денеска не ја посочи точната локација каде би била сместена градската администрација.

– Во овој процес јас нема да дозволам буџетот на Град Скопје да биде оштетен за ниту еден денар. Минималната цена, почетна за аукцијата која треба да биде закажана се средствата што Град Скопје ги издвоил од буџетот. Дали, кој и како ќе се пријави на повикот на Градот за продажба, едноставно во моментов ниту јас, ниту Вие, ниту опозицијата може да знае, рече Шилегов, додавајќи да се заокружи процесот и да не се шпекулира.

Градоначалникот Шилегов потенцира дека Градот нема што да сокрие.

– Од целиот овој процес Град Скопје само ќе добие. Граѓаните на Скопје само ќе добијат. Се ќе биде толку јавно, транспарентно, како што впрочем и е. Ако јас сакав да сокријам било што, можеше да ме нема во овој период и да не бидам на јавни настани. Меѓутоа силината на аргументите што ја имам и што е на наша страна, транспарентноста во која сме влезени, свесноста дека нема да го нарушиме буџетот на Град Скопје со целиот овој процес, едноставно се аргументи на вистината, рече Шилегов. Додаде дека Град Скопје нема да биде оштетен за ниту еден денар.

На 41. седница на Советот на Град Скопје, што се одржа на 26 септември годинава, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов се стави на гласање и се изгласа одлуката за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.09.2019 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега