Шилегов: Градскиот инспекторат со рекордни резултати во 2019 година

Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција се осврна на работењето на Инспекторатот на Град Скопје во 2019 година и нагласи дека во секоја област на своето дејствување оваа служба бележи рекордни позитивни резултати кои се видливи за граѓаните. 

- Поминаа повеќе од две години и во изминатиот период бевме фокусирани на зголемување на инспекциските контроли во сите области, со цел подобрување на животната средина и квалитетот на воздухот и решавање на дел од сообраќајниот хаос со посебен акцент на непрописното паркирање и паркирањето во зелени површини. Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во нашава држава која е достапна за граѓаните 24 часа дневно и е целосно транспарентна во својата работа. Воведовме 24 часовно дежурство на комуналните инспектори. Вршиме секојдневни контроли на градилиштата, на подземните контејнери, спроведуваме акции во соработка со МВР за отстранување на нелегални продавачи на Бит-пазар, на Зелениот пазар, пазарот во Ченто и пазарот „Буњаковец“,  на улицата Македонија, на плоштадот „Македонија“ и на други локации. Успешно ја спроведовме првата кампања за собирање остатоци од берба на стрништата, а беа изречени и казни за палење стрништа. Минатата, 2019 година, Секторот Инспекторат на Град Скопје бележи зголемување на обемот на работа на сите видови инспекции – рече денеска Шилегов.

Зголемените активности на секторот, објасни Шилегов, се резултат на поодговорен пристап на инспекторите и нивната работа во сите области за кои е надлежен Инспекторатот на Град Скопје.

- Трета година по ред ја спроведуваме кампањата за справување со огновите на отворено, на телефонскиот број 193. Во однос на комуналната инспекција,  за 134% е зголемено постапувањето на инспекцијата по барање на граѓани  (односно од 82 барања во 2018 година на 192 барања во 2019 година). За 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори (во 2018 година - 92, а во 2019 година - 310 контролни надзори). Во 2019 година изречени се 127 платни налози што е за 807% повеќе во однос на 2018 година (14 налози). Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка во 2019 година, што е за рекордни 1.177% повеќе во однос на 2018 година (9 акти) – рече Шилегов.

Зголемена реализација на активности бележи и Одделението за комунални редари. Во 2019 година поднесени барања за прекршочни постапки се 1.120, што е за 77,7% повеќе во однос на 2018 година. Изречени мандатни казни во 2019 година се 72, а во 2018 година 31, што е зголемување за 132%.

Инспекцијата за животна средина во 2019 година извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117% повеќе од 2018 година. Во 2019 година вонредните инспекциски надзори се зголемени за 300% во однос на 2018 година, односно, во 2019 година спроведени се 49 инспекциски надзори, а во 2018 година - 12. За 300% зголемен е и вонредниот инспекциски надзор со акредитирана лабораторија, односно во 2019 година имало 12 надзори, а во 2018 година - 3.

Инспекцијата за патен сообраќај во 2019 година извршила 271 редовен инспекциски надзор, што е 134% повеќе од 2018 година. Зголемен е и бројот на контролни инспекциски надзори за 66% и вонредни инспекциски надзор за 600% во однос на 2018 година.

- Ова се само дел од активностите и постапките на Инспекторатот на Град Скопје за минатата година, и во секоја област бележиме значаен пораст. Конечно излеговме од системот на непостапување кој беше наметнат од претходната градска власт. Обврска на инспекторите е, согласно со надлежностите, да овозможат подобрување на условите за живот на сите граѓани и зачувување на околината. Во каков град живееме зависи од нас. Законите треба да се почитуваат, а инспекциите се тука да го казнат неодговорното однесување на оние што го кршат законот – нагласи градоначалникот Шилегов.

Раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, пак, посочи дека во последниве две години е направена целосна прераспределба на сите инсталации што се во надлежност на Градот, а зголемен е и бројот на инспектори за животна средина, од 4 на 8 инспектори.

- На наше инсистирање беше сменет правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот без кој во минатото им биле врзани рацете на инспекторите, но повеќе од 11 години никој не потегнал иницијатива за негова измена. Исто така, поднесовме и иницијатива за носење Закон за комунална полиција на територијата на град Скопје. Го зголемивме буџетот за годинава наменет за акредитирана лабораторија од 500.000 денари на 1,2 милиони денари со што инспекторите на располагање имаат зголемен број на мерења. Од измената на правилникот кој влезе на сила на 11 ноември досега имаме повеќе од 22 вонредни мерења и веќе имаме околу 9 надминувања на граничните вредности и истите ќе бидат санкционирани. Го зголемивме бројот на возила од 3 на 8 што се неопходни за брза и ефикасна реакција. Добивме и донација од УНДП – два дрона целосно опремени со термални камери и камери за ноќно снимање што ќе придонесат за откривање и лоцирање потенцијални загадувачи – рече денеска Богдановски.

Тој додаде дека Инспекторатот има одлична соработка со Амбасадата на САД во 

нашава земја која за нивните потреби донела федерален инспектор за животна средина кој заедно со градските инспектори на терен вршеле инспекциски надзори, спроведувале контроли и разменувале искуства за начинот и постапките на контролирање. Договорено е соработката да продолжи и во иднина, со слични активности.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2020 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега