Шилегов: Добро знаете кој „командува“ со навивачките групи

Секогаш кога ја имаме ВМРО-ДПМНЕ во опозиција имаме провокации на национална основа, констатира скопскиот градоначалник Петре Шилегов, коментирајќи го настанот од населбата Ѓорче Петров, каде во вербален судир влегоа припадници на навивачката група „Комити“ и свадбари од албанска етничка припадност.

– Вие подобро од мене знаете кој „командува“ со навивачките групи. Ја замолувам ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти практиката да си игра лесно со емоциите на луѓето, особено најдлабоките емоции како што се националните. За жал, изминативе 15 години таа партија покажа колку лесно се игра со националните и верските емоции, со цел да се реализираат политички поени. Таквата игра нема да донесе добро никому, а тоа е дефинитивно лесно запаллива материја, изјави Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека во опозициската партија постојат одговорни лица што нема да ги потхрануваат ваквите сценарија.

– Граѓаните да ја задржат рационалноста, мирот, стабилноста и разумот во своето однесување и да не подлегнуваат на ситни провокации, порача скопскиот градоначалник.

 

Претходно „Комитите“ соопштија дека нивни членови не требало да влегуваат во конфликт со лица кои не се членови на навивачка група.

– „Комити Запад“ се најстара и најголема навивачка група која има свој етички кодекс. Заради истиот, членовите кои беа дел од овој конфликт ќе се соочат со реперкусии. Но, исто така мора да напоменеме дека при самиот конфликт биле користени пиштоли и значки од МВР надвор од работно времe. Ова е уште еден доказ дека во МВР работите се трули. На Кале се вадеа лисици, во Ѓорче се вадат пиштоли. Имаме ли држава?!“, соопштија од навивачката група.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.09.2020 - 16:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа