Адвокатот Петре Шилегов денеска побара од Обвинителството сериозно да го преиспита својот став и да повлече дел од обвиненијата во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“. Повикувајќи се на економичноста на постапката, Шилегов истакна дека државата троши огромни средства за процес кој, според него, може да се покаже како правно неоснован.

Клучниот аргумент на одбраната е неодамнешната одлука на ОЈО ГОКК за истиот настан, со која е отфрлена истрагата против седум полициски службеници. Шилегов посочи дека за нив било утврдено дека не постои директна причинско-последична врска за трагедијата, а евентуалното дело „злоупотреба на положбата“ е веќе застарено. Тој побара истата логика да се примени и за дел од моментално обвинетите.

Сепак, обвинителот Борче Јанев ги отфрли овие барања како преуранети. Тој нагласи дека во овој предмет не станува збор за полицајци, туку за лица со поинакви функции и овластувања. Јанев потсети дека одлуките на ГОКК сè уште не се правосилни и дека оштетените имаат право на жалба. Судијката Диана Груевска Илиевска потврди дека судењето продолжува сè додека надлежното обвинителство не се произнесе официјално.

Exit mobile version