Шекеринска во Брисел: Следниот месец мисијата на Северна Македонија се сели во седиштето на НАТО

„Нашето учество на состаноците на Алијансата беше учество на членка на НАТО која што покажа дека е можен брз прогрес, дека е можно да се почитуваат плановите и дадените ветувања“, рече министерката Шекеринска на вториот ден од состаноците на Северноатлантскиот совет. 

Таа изјавата ја даде пред новите простории за мисијата на Македонија во седиштето на НАТО. 

„Зад мене се нашите простории како држава – членка на НАТО Алијансата и очекуваме до втората половина на март основните подготовки за нашата мисија овде да бидат завршени. Тоа значи дека нашата мисија, и политичкиот и одбранбениот дел ќе биде буквално дел од седиштето на НАТО, како што ние, Република Северна Македонија ќе бидеме и официјално дел од Алијансата“, рече министерката Шекеринска.

Министерката пред состанокот на Северноатлантскиот совет се сретна со турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, и се заблагодари за континуираната поддршка од пријателска Турција за членство во НАТО.

„Нашата докажана соработка од партнерска, прераснува во сојузничка“, рече министерката.

Министерот Акар порача дека двете земји имаат исклучително блиски, пријателски односи, и дека поддршката и соработката ќе продолжи со висок интензитет и на билатерално и на НАТО ниво. Оваа соработка, рече, претставува бенефит и за двете земји.

Состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, денеска беа посветени на буџетирањето на одбраната, како и на мисијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“.

На состанокот за одбранбеното буџетирање, министерката истакна дека средствата за одбраната континуирано растат од 2017 година и дека годинава буџетот е речиси дуплиран споредбено со буџетот за 2017-та. Северна Македонија, истакна, е посветена на исполнувањето на препораките на НАТО за издвојување на два проценти од бруто-домашниот производ за одбрана, што веќе влијае исклучително позитивно на одбранбените капацитети на земјата, а со тоа и на НАТО – Алијансата.

На средбата на министрите за одбрана на НАТО и партнерите кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката порача дека земјата останува посветена на главната цел на оваа мисија – мирен, безбеден и стабилен Авганистан. 

 На маргините на бриселските состаноци, денеска министерката Шекеринска организираше работен ручек со министрите за одбрана на Грција, на Словенија, на Црна Гора, на Хрватска, на Босна и Херцеговина, на Бугарија, на која се заблагодари за поддршката од земјите од регионот во процесот до полноправно членство на земјата во Алијансата. Министрите за одбрана порачаа дека регионот докажа дека има капацитет да биде извозник на мир и стабилност, дека земјите знаат да соработуваат и да придонесуваат кон колективната безбедност на евро-атлантската област.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.02.2020 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега