Шекеринска: Собранието има историска можност и одговорност да ја отвори вратата за НАТО

 

Собранието ја има историската можност и историската одговорност да ја отвори вратата на Македонија за членство во НАТО, вели во интервју за МИА вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која го предводи македонскиот тим кој денеска и утре во Бисел официјално ги почнува пристапните преговори за членство на Македонија во Северноатлантската алијанса. 

- Доколку се обезбеди двотретинското мнозинство Македонија ќе покаже и на Европа и на светот и на регионот дека знае што сака и знае како таа цел да се исполни. Доколку надвладеат партиските и личните интереси на неколкумина тоа ќе биде голем минус за Собранието и за нас ќе значи неопходно итно закажување на предвремени избори, истакнува Шекеринска.

За можното пробивање на роковите предвидени со Преспанскиот договорот доколку се оди на избори, вели дека за Македонија е подобро процесот да заврши со успешна собраниска процедура. Но, ако таа процедура е невозможна во овој парламент тогаш редно е мандатот да се врати кај граѓаните. Ако Собранието одлучи да им даде шанса на стратешките интереси на државата, одлично. Ако не, избори се единствена опција, друга не постои, наведува Шекеринска.

Таа посочува дека се во постојан контакт со земјите партнери и со Грција и смета дека и во случај на избори можно е да се стигне навреме за грчкиот Парламент да го ратификува и Договорот од Преспа и договорот за пристапување на Македонија во НАТО. 

- Финансиските обврски за НАТО, главните за коишто највеќе се зборува, за коишто се судираа и големите сили, Америка со Германија и други земји членки, не се однесуваат на нашето финансирање на НАТО туку се однесуваат на тоа колку ние средства ќе вложиме во македонската одбрана, во АРМ, во нашите одбранбени сили, во нашата структура на одбраната. И тоа е најголемата обврска којашто ќе ја има Македонија. Земјите членки на НАТО се обврзаа на еден од претходните самити дека ќе го зголемат издвојувањето пари во својата одбрана и на тој начин ќе го засилат НАТО. За тоа Македонија презема обврска и пред НАТО, но ја преземавме како обврска и пред нашите институции, со нашиот стратешки одбранбен преглед, дека секоја година парите коишто се насочуваат кон Армијата и кон одбраната ќе растат и до 2024 планираме да го достигнеме посакуваното ниво од два проценти од БДП.

Тоа е главната тема околу која се кршеа копјата и во НАТО, тоа е тема којашто е важна за Македонија, но ние и без членството во НАТО велиме дека беше неприфатливо, нелогично и неодговорно што Македонија десет години по ред го намалуваше своето финансирање на Армијата. И се доведовме до ситуација институцијата којашто има најголема доверба помеѓу македонските граѓани да страда поради тоа што немаше задоволени елементарни услови. И сега една по една ги решаваме тие отворени точки во Армијата. Големите пари не се пари кои Македонија ќе ги плати на НАТО, туку пари кои Македонија ќе ги инвестира во својата одбрана, во својата Армија, во своите капацитети. Средствата коишто се издвојуваат како поддршка на Алијансата односно како членарина во Алијансата се мали и за нив ќе се преговара и во целиот овој процес но во принцип не се суми коишто предизвикуваат внимание како што предизвикува оваа обврска за два проценти - вели Шекеринска за МИА.

 

 

 

18.10.2018 - 09:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега