Шекеринска: Главните ризици се помалку конвенционални, а многу повеќе хибридни

 

 

Уште во стратешкиот одбранбен преглед што го носевме пред членството во НАТО, како подготовка на домашните реформи, кажавме дека главните ризици се помалку конвенционални, а многу повеќе хибридни и оти капацитетите за справување со овие ризици навистина мора да бидат помобилни, пофлексибилни и да одговараат на тие нови предизвици, одговори министерката за одбрана радмила Шекеринска на новинарско прашање како нашата држава, САД и НАТО ќе се справат со хибридните безбедносни закани.

Од 2022 година, информира таа, ние главно ќе придонесуваме согласно побарувањата на НАТО и одбранбените способности кои од нас ги очекуваат, ќе придонесуваме со конвенционални сили. Меѓутоа, потенцира Шекеринска, и дома ги градиме капацитетите за овие нови закани – хибридни, сајбер закани.

– НАТО како сојуз вели вака, мора да се подготвуваш и за конвенционалниот ризик и за тоа да градиш капацитети, мора да се подготвуваш и за новите сајбер, хибридни закани. Ние како држава мораме да си ја гарантираме и сопствената безбедност, но како членка на НАТО сме дел од таа колективна одбрана, користиме ресурси на други држави, но и ние треба да придонесуваме, појасни Шекеринска, која денеска заедно со амбасадорката на САД Кејт Брнз го посетија армискиот полигон „Криволак“ каде бea информирани за претстојните активности за реализација на вежбата „Одлучен удар – 21“.

Шекеринска потсети дека минатата недела го потпишавме Меморандумот за разбирање со НАТО околу помош на Македонија во справување со сајбер предизвиците и им се заблагодари на САД што уште од 2018 година испраќаат тимови со кои ни помагаат да ги градиме овие капацитети.

– Ова не се капацитети кои се градат преку ноќ, ниту пак се градат лесно. Ќе ви кажам една информација дека  и НАТО постојано е во потрага по дополнителни ресурси особено човечки ресурси за да ги насочи кон овие прашања. Меѓутоа, во делот на справување со сајбер и хибридните закани  како релативно млада, мала држава со поскромни ресурси акцентот го ставаме да учиме од подобрите и затоа на овие теми соработувам и со САД, соработуваме и со ЕУ. Сега ја засилуваме и поддршката на НАТО. Тоа е предноста на членството во Сојуз, можеш да ги искористиш и да ги развиваш своите капацитети со помош на другите, рече министерката Шекеринска.

Амбасадорката Брнз истакна дека е навистина понекогаш и впечатливо кога знаете дека кога две земји се целосно различни по однос на нивната големина како САД и  Македонија што се членки на НАТО, како што рече, имаат многу слични безбедносни предизвици.

– Навистина сметам дека е многу добро тоа што сте дел од еден сојуз за заедно да се справуваме со ваквите предизвици. Минатата недела министерката беше дел од НАТО министерскиот состанок каде што имаше можност да разговара со секретарот за одбрана на САД во однос на справувањето со идните предизвици и исто така ми претставува задоволство што и денес дури работиме со справување на тие предизвици, изјави амбасадорката Брнз.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.02.2021 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега