Шекеринска до полковникот Ковачки: Да не ја ставаме политиката над Армијата

Во ситуација кога стануваме членка на НАТО, наместо уште повеќе да ја тргнеме политиката од армијата некој се труди да ја вмеша во партиски битки само заради личен интерес, искоментира министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за назначувањето на полковникот Драган Ковачки за член во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека ова прашање било поставено и на вчерашниот Совет за безбедност, а ставот на присутните бил да се регулира оваа материја со законско решение, поточно преку Законот за служба, кој се усвојува во Собранието со обично мнозинство.

– Ставот на сите беше дека ова прашање треба законски да го регулираме, без да влијаеме на можноста некој да навива или членува одредени политички партии, но дефинитивно неприфатливо е униформата да биде дел од партиоските раководни структури, изјави министерката Шекеринска.

Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја дели армијата и како опозиција, оценувајќи дека во партијата останале старите навики.

– Замислете ситуација кога има началник, заменик началник и директор на Генералштабот и едниот да отиде во СДСМ, другиот во ВМРО-ДПМНЕ, третиот во ДУИ, а дел од полковниците да заминат во ЛДП или Алијанса. На што ќе личи таа армија? Како ќе се чувствуваат припадниците на армијата ако луѓето кои ги раководат, што имаат униформа и се заколнале со таа униформа, на таа армија, на таа држава, тераат партиска политика? Не случајно порано не сме имале вакви состојби, покрај тоа што не сме имале целосни законски ограничувања. Сите водевме сметка дека Армијата треба да ја држиме над политиката, истакна Шекеринска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.09.2020 - 15:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа