Шефот на грчката дипломатија Дендиас и Франкојанис во вторник во посета на Скопје


Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис во вторник, на 26 ноември, ќе го посетат Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на МИА, рече дека агендата на разговори се уште се комплетира, но со оглед на тоа дека и Франкојанис ќе биде во Скопје заедно со Дендиас, ќе стане збор и за економската соработка.

– Една од темите за кои ќе се разговара е и дополнителен развој на нашите економски односи, затоа ќе биде присутен и господинот Франкојанис. Мислам дека желба на двете страни е соработката да се движи во позитивна насока, рече Гениматас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на дипломатиите на Грција и на Северна Македонија се сретнаа вчера во Брисел, средба за која Гениматас рече дека била конструктивна и станало збор за подготовките за посетата на Дендиас на Скопје.

– Во рамките на грчката стратегија за Западен Балкан, грчката влада има намера да преземе конкретни иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, со цел консолидација на безбедноста, зајакнување на стабилноста и развој на просперитетот на поширокиот регион, рече портпаролот на грчкото МНР.

Гениматас спомена дека се планира, во февруари следната година да се одржи квадрилатерална средба на која ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а на почетокот на следната година и организирање Самит на земјите членки на ЕУ со државите од Западен Балкан 5+1, односно, Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Во рамките на грчката иницијатива е и посетата на Дендиас на Скопје во вторник, по која ќе следува и посета на Тирана. Министерот за надворешни работи на Грција упатил и покана до неговите колеги од Северна Македонија и Албанија да присуствуваат на работниот појадок на шефовите на дипломатиите на 9 декември во Брисел.

На новинарско прашање за трговските ознаки и промоцијата на грчкото лого, Гениматас рече дека е нешто што беше од претходно најавено и има за цел „да го зајакне идентитетот на македонските производи”.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.11.2019 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега