Шаќири: Во понеделник или вторник ќе имаме договор со СОНК

Продолживме со разговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, очекувам да имаме конечен договор, изјави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по новата рунда преговори со делегација на СОНК.

– Во оваа фаза на процесот на преговори, во текот на 20-те дена, се отворија многу дискусии кои се однесуваат и на колективните договори, кои не се потпишани повеќе од десет години и мислам дека ќе има нов колективен договор во наредниот период и кога ќе имаме договор ќе имаме за што да продолжиме со разговори, нагласи Шаќири.

На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за 18-процентно зголемување на платите на просветните работници како што бара Синдикатот, министерот рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение.

– Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема, истакна Шаќири.

На седница на Владата, потенцира министерот, е донесена одлука која се однесуваше за средните училишта, одлука за тие што завршуваат четврта година.

– Сега заедно со Средношколската унија имаме формирано група после долги години да се разгледа и Законот за средно образование, каде досега се вклучени 24 членови од сите институции, а ќе ги вклучуваме УНИЦЕФ, УНДП, Европската комисија, амбасадите… Оваа одлука за завршување на наставата ја донесовме со консултација со Бирото за развој на образованието. Истовремено, во овој период е побарано мислење од Бирото да најде начин за комуникација со сите основни училишта за тоа до каде е фазата на реализација на програмите на основните училишта и да се разгледа можноста ако може да постигнат наставата да се заврши до предвидениот рок, додаде Шаќири.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека преговараат буквално за сите прашања и усогласиле генерално некои ставови во однос на колективните договори и што ќе има во нив, меѓутоа тие не се до крај прецизирани.

13.05.2022 - 17:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега