Шаќири: Потребно е да достигнеме повисоки стандарди во високото образование и научно-истражувачката дејност

Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност имаше координативен состанок на кој, како што информира МОН, министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакнал дека државата има потреба од ажурирање и доследно применување на Стратегијата за образование што ќе придонесе за квалитетно и современо образование на високообразовните институции и подобрување на научно-истражувачката дејност во земјава.

-Притоа, заедно треба да се стремиме и кон обезбедување квалитетен кадар, кој во иднина ќе продолжи да ги имплементира новите стандарди во овие дејности. За да обезбедиме квалитет во високото образование и научно-истражувачката дејност, неопходно е да има добра координација и честа комуникација помеѓу сите учесници во развојот на оваа наша заедничка визија. Мораме да градиме кохерентен однос за да можеме да го извлечеме максимумот и да се доближуваме кон добрите европски и светски практики и искуства. Министерството за образование и наука стои на располагање и, како и секогаш, сме подготвени да ги разгледаме сите предлози кои вие ги имате за тоа како да го подобриме високото образование во земјава, а со тоа да го подобриме и рангирањето на нашите високообразовни институции на светските листи, изјавил министерот.

Покрај претседателот на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, проф. д-р Тодор Серафимовски, на состанокот присуствувале и претседателката на Одборот за акредитација проф. д-р Татјана Стојановска Иванова, директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование проф. д-р Агим Рушити и претседателот на Интеруниверзитетската конференција проф. Абдулменаф Беџети и членови на институциите. 

16.03.2023 - 17:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега