Шаќири: Наша мисија е да обезбедиме еднакви услови за сите ученици

Нашата мисија е да обезбедиме еднакви услови за сите ученици во Северна Македонија, а истовремено да ги следиме светските образовни трендови. Верувам дека со локалната власт, нашите меѓународни партнери и сите донатори ќе успееме да го подигнеме квалитетот на образованието во нашата земја, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Како што соопштуваат од Министерството за образование и наука, министерот Шаќири, заедно со заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, денеска го посетиле ПОУ „Никола Карев“ во село Нерово, општина Крушево, каде е во тек реконструкцијата на кровната конструкција и фискултурната сала во училиштето.

– Динамиката на реконструкцијата на кровот и спортската сала беше забавена поради временските услови, но верувам дека најдоцна до месец ноември градежните работи ќе бидат завршени. За оваа инвестиција се издвоени околу 10 милиони денари од буџетот на МОН, изјави Шаќири.

Министерот потенцирал дека со градоначалникот на општина Крушево и раководството на училиштето, разговарале и за учебната година која заврши пред неколку дена, за идните планови и заедничките инвестиции во образовниот процес.

– Морам да напоменам дека ова не е единствената инвестиција која МОН ја спроведува во општина Крушево. Во завршна фаза е и реконструкцијата на училишната зграда на ООУ „Кирил и Методиј“ во селото Бучин, за што се издвоени над 5 милиони денари, рече Шаќири, додавајќи дека е планирана и реконструкција на училишниот објект на ООУ „Кирил и Методиј“ во село Пресил. 

17.06.2022 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега