Колумбиската музичка ѕвезда Шакира им приреди големо изненадување на своите обожаватели на концерт во Буенос Аирес како дел од светската турнеја „Las Mujeres Ya No Lloran“. Имено, нејзините синови Милан и Саша ѝ се придружија на сцената за прв пат.
Тие ја изведоа песната „Acróstico“, која ја објави во 2024 година. Таа сподели видео од настапот на Инстаграм и напиша:
„Буенос Аирес, ти благодарам за овој момент што ќе трае засекогаш. Беше магично да пеам со моите деца и да ги гледам како ја изведуваат музиката што ја носат во себе, додека ги гледав и другите семејства како пеат и се прегрнуваат!“.
Публиката била воодушевена од нивниот настап. Обожавателите се надеваат дека Милан и Саша ќе почнат да се занимаваат со музика во иднина бидејќи го наследиле талентот од својата мајка.
Шакира ги доби Милан и Саша со својот поранешен партнер Жерар Пике. Кога двојката раскина во 2022 година, откако пејачката откри дека поранешниот фудбалер ја изневерил, таа се пресели во Мајами со своите синови.

