Шахпаска:Многу сум горда на недела неработен ден

„Министерството за труд и социјална политика е ресор со многубројни предизвици, кои пандемијата на Ковид-19 ги направи уште поголеми. И токму затоа мојата одговорност беше уште поголема да се одговори на предизвиците и на вистинскиот начин и навреме да се адресираат потребите на граѓаните“, оцени министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во своето обраќање преку социјалните мрежи, во кое сублимира дел од проектите на кои таа се посвети во својот мандат.

„Во целиот период на пандемија, преку доследно почитување на Протоколите,  обезбедивме безбедно згрижување на дечињата од предучилишна возраст во градинките. За 16 месеци изградивме и отворивме 16 нови градинки, а дополнителни осум се завршени и до почетокот на пролетта ќе бидат ставени во функција. За полесно премостување на пандемијата со Ковид-19, спуштајќи ги критериуми го олеснивме влезот на ранливите категории граѓани во системот на социјалната заштита, со што нови 9.000 домаќинства користат гарантирана минимална помош“, информираше таа.

„Како социјалдемократ - битката за работничките права ми беше еден од врвните приоритети. Затоа, усвојувањето на Законот, кој предвидува дека НЕДЕЛА Е ДЕН ЗА НЕДЕЛЕН ОДМОР за над 92 процента од работниците, на кој интензивно работев со работниците и работодавачите, ме прави особено горда. Искрено верувам во концептот „Едно општество за сите“ и затоа Законот за спречување и заштита од дискриминацијата го поднесов во процедура на петтиот ден од мојот мандат и беше консензуално изгласан и од власта и од опозицијата. Борбата за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е моја мисија во политиката. Преку процесот на усвојување на Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство ги обединив, пред сѐ, жените и од власта и од опозицијата во македонското Собрание. Насилството врз жените е натпартиско прашање, кое ги обединува сите жени затоа што тоа не препознава политичка, верска, религиска, интелектуална или образовна припадност. И од оваа борба не се откажувам“, порачува министерката Шахпаска.

Таа додава дека најтешкиот дел од процесот на деинституционализацијата е во тек, односно дека се отворени седум куќи за живеење со поддршка за 35 лица со тешка и најтешка интелектуална попреченост од Специјалниот завод во Демир Капија.

Со поддршка од ЕУ, во тек е трансформацијата на Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје, во современ центар за дневни услуги во заедницата за лицата со попреченост, отворен е и дневен центар за лица со посебни потреби во Липково, а веќе почнува изградба на нов дневен центар во општина Чашка. 

„Го креиравме и го ставивме во функција аудиочитачот на македонски јазик „Кико“ и на албански јазик „Хана“, кој пишаниот текст го трансферира во говорна порака наменет за слепите лица и за лицата со оштетен вид. На овој начин ги зголемуваме независноста и самостојното функционирање на овие лица. Правото за користење лични асистенти го спуштивме на шестгодишна возраст. Ги донесовме измените на законите за социјална и за детска заштита, со кои обезбедуваме нов пристап на процена на попреченост според Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ)“, информираше министерката Шахпаска. 

Во своето обраќање пред крајот на мандатот, таа се осврна и на процесот на  децентрализација на социјалните услуги - помош и нега во домот за стари лица и лица со попреченост, со што 900 корисници добиваат нега на дневно ниво од страна на 300 лиценцирани негуватели, кои добиваат паричен надомест за испорачаните услуги.

Во тој контекст е и информацијата дека бројот на лиценцирани даватели на социјални услуги од 23 е зголемен на 62, со што е овозможена плурализација на давателите на социјалните услуги.

Дополнително отворени се два центри за поддршка на згрижувачки семејства, и тоа во Скопје и во Битола, со цел да се поттикнат што поголем број згрижувачи да даваат квалитетна грижа за децата без родители како облик најблизок до биолошките семејства.

„Ние сме социјална држава и грижата за граѓаните во социјален ризик - маргинализираните лица, лицата со попреченост, тешко вработливите - преку социјалното претприемаштво добива организирана форма. Го отворивме првиот центар за поддршка на социјалните претпријатија. Со последниот Закон за стечајци обезбедивме материјална сигурност за дополнителни 1.100 стечајци, а го донесовме и Законот за пензионирање со 64 години возраст за да овозможиме вклучување млади на пазарот на трудот“, потсети Шахпаска.

 

 

 

 

14.01.2022 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега