Шахпаска: Следната година нов закон за работни односи

Нов закон за работни односи кој се очекува да биде донесен следната година, стабилен пензински фонд и раст на минималната плата и на пензиите, вети денеска новата министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Дел од нејзиниот четиригодишен мандат ќе биде и изградбата на нови градинки и проширување на постоечките капацитети, заштита и поддршка на најранливите категории на граѓани, продолжување на социјалната реформа и на децентрализацијата на социјалните услуги на локално ниво, како и намалување на детската сиромаштија.

Презентирајќи ги целите што ќе ги реализира за време на нејзиниот мандат како министерка, Шахпаска денеска на прес-конференција во Владата рече дека за неа мандатното писмо што и го предал премиерот, значи преземање на обврска за чесно, одговорно и транспарентно работење во служба на граѓаните.

Законот за работни односи рече дека ќе биде донесен по широка, сеопфатна дебата со сите засегнати страни. Во него јасно ќе бидат дефинирани сезонската работа, синдикалното организирање и работата од далечина која се наметна како нов тренд со пандемијата од Ковид 19.

– Важечкиот закон е донесен далечната 2005 година и според сознанијата до кои дојдов од контактите со секторот труд досега претрпел 24 измени што значи дека веќе е дојден период кога треба да донесеме нов закон за работни односи кој ќе ги отсликува состојбите на современото време. Веќе во среда ја закажав првата седница на работната група која работела на измените на Законот во мандатот на претходните министри и започнуваме да работиме на овој закон, рече Шахпаска.

Почетокот на нејзиниот мандат, како што посочи, меѓу другото е посветен и на безбедниот престој на децата во градинките поради пандемијата со корона вирусот.

– Обезбедивме процес на безбеден престој на децата со сведување на ризикот за инфекција од коронавирусот на минимум согласно протоколот усвоен од Комисијата за заразни болести. Здравјето на најмладите за нас е врвен приоритет и од тоа не отстапуваме. Но, морам да нагласам дека сите ние имаме одговорност и затоа апелирам до сите да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД -19 зашто само на тој начин ќе можеме да се заштитиме и да создадеме услови за сигурно работење на градинките, апелираше Шахпаска.

Висока на нејзината агенда, како што рече, е и родовата еднаквост, а законот за спречување на дискриминацијата е во собраниска процедура. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.09.2020 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега