Зијадин Села, лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, остро ги демантираше шпекулациите дека би можел да биде дел од новата Влада, откако таква можност јавно ја понуди вицепремиерот Изет Меџити.
Реакцијата на Села доаѓа по синоќешното гостување на Меџити (ВРЕДИ) на ТВ 21, каде тој изјави дека „комуницираат“ и оти е можно Села да влезе во владиниот состав.
Преку својот Фејсбук профил, Села директно му се обрати на Меџити, обвинувајќи го за лаги и пропаганда.
„Политичката сцена е толку измешана, рече Изет, и тој не знае со кого комуницирал… Лагата е измешана, Изет, пропагандата и невистината. Вистината е секогаш чиста и неизмешана, таа е само една и не може да има две или повеќе. И оваа вистина звучи вака, Изет! Ти во комуникацијата со мене НЕ. Јас дел од владата НЕ. Јас на страната на оние кои сакаат да ги поништат нашите права како народ НЕ“, напиша Села.
Тој додаде дека неговиот фокус останува опозициското дејствување во Парламентот.
„Уште еднаш повторувам, ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта. Ќе имаме работа заедно во Парламентот со вас и со ВМРО. Како и секогаш, власта од едната страна, а јас од другата. Не еден до друг, туку лице в лице!“, заклучи Села.
Изет Меџити синоќа изјави дека не ја негира можноста Села да влезе во Владата, објаснувајќи дека политичката сцена кај албанските партии е „измешана“.
„Не го негирам тоа. Може да биде“, рече Меџити, додавајќи: „Комуницираме. Политичката сцена стана толку измешана, се случија многу турбуленции сè додека не се формираа два табора. И мислам дека сè уште ќе има турбуленции“.

