Сексуалните работници на Балканот, здружени во СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, денес го одбележуваат 17 декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
Овогодинешната кампања „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита“ ја посветуваат на црвениот чадор – симбол кој веќе 18 години ги обединува и го носи гласот на заедницата. Во фокусот е видео во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни за насилството и дискриминацијата со кои се соочуваат, како и потребата од заштита и видливост.
„Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на родово базирано насилство во јавниот, приватниот простор и онлајн. Насилството е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано, од страна на клиенти, партнери, полицијата, а понекогаш и во здравствените и социјалните служби“, велат од СТАР.
Колективот истакнува дека членовите на заедницата се изложени на повеќекратни форми на маргинализација, како сиромаштија, ниско ниво на образование, етничка дискриминација и дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, додека дигиталното родово базирано насилство станува сè почеста реалност.
Црвениот чадор, како симбол, ја претставува заштитата, достоинството и колективниот повик за видливост и еднаквост.
Од СТАР бараат хуман и еднаков третман од државата, почитување на човековите права и слободи, право на приватност и декриминализација на сексуалната работа, како единствен модел кој обезбедува достоинствено почитување на правата на сексуалните работници.
Кампањата се спроведува со поддршка од фондацијата Red Umbrella Fund.

