Секој втор Ром пријавил намален приход поради влијанието на Ковид-19

Регионалните анализи за влијанието на Ковид-19 врз Ромите во регионот потврдија дека највисоките последици за Ромите се детектирани во сферите на вработувањето и образованието. Три од четири деца Роми не добиле никаква помош за време на онлајн-предавањата, како од нивните наставници, така и од соучениците, а стапката на напуштање на училиштата се зголемила за речиси 11 отсто на регионално ниво, најмногу поради тешката финансиска состојба на семејствата, е наведено на регионалната конференција за влијанието на Ковид-19 врз Ромите во Западен Балкан, во рамки на проектот за интеграција на Ромите на Советот за регионална соработка (СРС), што се одржа денеска во Белград.

– Знаејќи ги предизвиците со кои се соочуваат нашите луѓе, целта на Советот за регионална соработка е да ја зајакне вклученоста на граѓаните во промовирањето, обликувањето и спроведувањето на главните политики и процеси, изјави Орхан Усеин, шеф на Канцеларијата за интеграција на Ромите на Советот за регионална соработка за време на отворањето на Регионалната конференција за социоекономското влијание на Ковид-19 врз Ромите од Западен Балкан.

На конференцијата учествуваа околу 70 претставници од разни јавни институции од Западен Балкан задолжени за интеграција на Ромите, претставници на меѓународни организации, граѓанското општество, како и претставници на Европската Унија и СРС за да разговараат за наодите од анализата за влијанието на ковид-19 врз Ромите на Западен Балкан и истовремено да бараат решенија.

– Целта на оваа анализа беше да придонесе за подобро разбирање на социоекономското влијание на ковид-19 врз Ромите во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето и недискриминацијата. Главните процеси на кои посветено работиме се дигиталните и зелените агенди, како и да се осигураме дека од тие мерки корист ќе имаат тешко достапните групи. Нашиот став е дека Ромите не смеат да бидат изоставени од овие агенди. Неопходен е систематски пристап за обликување на овие трансформации во ромските заедници за да се овозможи подобар пристап до онлајн-образование и до индустријата за рециклирање, а со тоа и до подобри предуслови за идно вработување“, рече Елда Калаја, раководителка на Канцеларијата на Генералниот секретар на СРС.

СРС преку својот проект за интеграција на Ромите ги воведува новитетите кои нашиот регион треба да ги дефинира и против кои треба да се бори, особено со темата на антиџипсизам, јасно поставен од ЕУ како цел за борба против социјалната исклученост на Ромите. СРС ќе им помогне на носителите на одлуки да го претoчат признавањето на антиџипсизмотво ефективна акција, истовремено осигурувајќи дека владите на Западен Балкан го следат напредокот и работат заедно со институциите на ЕУ за еднаквост, вклученост и учество на Ромите.

– Свесни сме дека не можеме да продолжиме со вообичаениот пристап. Нашата поддршка и политика треба да се ревидираат. Оваа ревизија треба да опфати различни области. Промена на редоследот на приоритетите. Приоритетот останува ист, но итноста ги тера да го одразат она што треба прво да се направи. Нови области како што се антиџипсизам, дигиталната, зелената агенда, исто така, треба да влезат во нашиот фокус, вели Марта Гарсија Фидалго, Координаторка за политики за Ромите во Директоратот за соседство и преговори за проширување во Европската комисија.

Според Неда Коруновска, задолжена за застапување во Канцеларијата за ромски иницијативи на Фондацијата отворено општество, неодамнешните истражувања на Отвореното општество докажуваат дека луѓето кои работат во приватниот сектор се согласуваат дека мнозинството Роми се дискриминирани како работна сила дури и кога ги имаат истите вештини како другите. Таа смета дека паметната и инклузивна работа на компаниите не е само прашање на корпоративна општествена одговорност, туку е и прашање на паметна економска разновидност за која е докажано дека ја поддржува креативноста и иновативноста.

 Анализата, која беше спроведена во регионот на Западен Балкан, содржи и регионални и специфични податоци за економијата, ја проценува моменталната состојба на Ромите и обезбедува податоци за дефинирање на приспособени мерки кои можат да се вклучат во релевантните мејнстрим-политики и новите стратегии за интеграција на Ромите.

13.12.2021 - 14:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега