СЕФФ: Преку градење сојузништва до поконкурентни и поотпорни економии во регионот
Преку градење сојузништва и зајакнување на меѓусебната соработка, економиите во регионот на Западен Балкан можат да станат поотпорни и поконкурентни. Во услови на криза, подобрувањето на врските, соработка на крупни инфраструктурни проекти, особено во областа на енергетиката и создавањето на одржливи синџири на добавување, можат да придонесат во голема мера во амортизирањето на ефектите од кризата. Ова беше посочено на Скопскиот економски форум – СЕФФ, што се одржува од денеска во Скопје, во рамки на дискусијата за вториот столб – Отпорност, конкурентност и економска соработка.
Воведничари на темата беа Сузан Дангер, извршен директор на АмЧам Европа и Мајк Зафировски од Заф групацијата и Македонија 2025. На панел дискусијата имаше повеќе претставници од стопански комори од земјава и регионот, како Драган Давитков од Ам Чам Северна Македонија, Петар Иванов од Ам Чам Бугарија, Елиас Спиртунас од Американско-грчката стопанска комора, Иван Милетиќ од Ам Чам Србија, Живко Мукаетов, извршен директор на Алкалоид, Ристо Јаневски од Стопанската комора на Северна Македонија, Трајан Ангелоски од Сојуз на стопански комори, Неби Хоџа од Економска комора на Северозападна Македонија и Анета Антова Пешева од МАСИТ. Модератор на овој панел беше Марјан Петрески, универзитетски професор.
За време на дискусијата беше истакната важноста од иницијативите како Отворен Балкан со кои се олеснува движењето на работна сила, стоки услуги и капитал. Преку поврзување на пазарите, компаниите од земјите можат да добијат пристап до поголем број на потрошувачи и да го зголемат обемот на нивниот пласман. Исто така олеснувањето на движењето на стоки може да придонесе до олеснувањето на синџирите на добавување, особено во услови на криза.
Дискутантите ја посочија и важноста од странските директни инвестиции за развојот на економиите преку внесување на свеж капитал и пренесување на нови технологии. Влезот на индустриски гиганти во регионот, не е само од значење за земјата каде ќе инвестираат, туку придобивки се креираат за целиот регион, преку отворање на работни места и поврзување со локални компании. Од големо значење за инвеститорите е владите да имаат солидна регулатива и конзистентни политики на кои тие ќе им веруваат.
Во однос на подобрувањето на конкурентноста, беше сумирано дека и владите и компаниите можат многу да придонесат многу во нејзино подобрување, особено преку дигитализацијата. Учењето и применувањето на новите процеси може да придонесе многу во насока на креирање на поголем обем на производство, но и во насока на креирање додадена вредност.
СЕФФ се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Министерството за финансии. Главен говорник на првиот ден од Форумот беше истакнатиот нобеловец Пол Кругман. Конференцијата ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, а првиот панел беше посветен на монетарните и фискалните политики.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа