Седницата почна: Уставниот суд една година работи без четири судии
По речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии поради испразнети места, денеска во Собранието почна седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на чиј дневен ред е утврдување предлог за избор на уставни судии.
Претседателката на Комисијата, пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска, рече дека седницата ја закажала откако пратеници усно ја информирале дека ќе достават предлози за нови уставни судии.
Таа изрази очекување дека колегите на седницата ќе ги презентираат предлозите за кои треба да се отвори расправа и оти ќе отпочне постапката во Комисијата, којашто, рече е целосно согласно со Уставот.
Пратеникот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов со процедурална забелешка дека нема критеруми за избор на уставен судија и каква надлежност имаат пратениците да предлагаат уставни судии, кои, рече, треба да бидат чувари на уставноста а не партизирани.
– Уставниот суд е чувар на уставноста и не можам да разберам долго време да не се уреди оваа материја, уште полошо што нема критериуми за избор на уставен судија, пишува само дека треба да е истакнат правник. Врз кои критериуми ние можеме некого да предложиме, немаме таква деловничка можност, бираме судии од највисоките функции во државата, а ние сега вака ќе предлагаме судии и повторно Уставниот суд ќе биде партизиран и нема да работи во функција на заштита на законот, оцени Трајанов.
Георгиевска одговори дека тоа е тема за друга дискусија и дека тоа што треба да го сработи Комисијата е во согласност со Уставот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа