Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска одржа седница на Централното претседателство во партиското седиште во Мала Речица, свикана од претседателот Али Ахмети. Една од главните одлуки е одржување на партиски конгрес најдоцна до 20 декември.

„Дискутиравме за политичките и внатрешните развои во ДУИ, за коалицијата и за останатите прашања. Имајќи го предвид истечениот рок за партиски конгрес и политичките развои во државата, е одлучено конгресот да се организира до 20 декември“, изјави потпретседателот и портпарол на партијата, Арбер Адеми.

На прашање дали се разговарало за оставки по резултатите од локалните избори, Адеми рече дека тоа не било тема за дискусија, бидејќи ќе се одржат внатрепартиски избори.

„Претседателот Ахмети вчера на прес-конференција кажа дека пораката од граѓаните е примена. На национално ниво, сепак, остануваме најголемата политичка опција со над 23.000 гласа повеќе. За некои општини, резултатите покажуваат потреба од промени. Затоа се одржува и партискиот конгрес, кој ќе се случи до 20 декември“, додаде Адеми.

Тој исто така информираше дека на седницата е формиран организационен одбор за конгресот, кој ќе брои осум партиски членови.

Exit mobile version