Собранието денеска треба да ја продолжи 85. седница, на чиј дневен ред се два предлог-закона – за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. И двата акта се предложени по скратена постапка – првиот од пратеници од владејачкото мнозинство, а вториот од опозицијата.
Со измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се предлага продолжување на рокот за легализација за уште пет години. Наместо досегашните 15, законот би важел вкупно 20 години, односно до 3 март 2031 година.
Пратеникот Бојан Стојановски минатата недела изјави дека целта е граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни пречки или бавни процедури. Тој посочи дека актуелниот рок истекува на 3 март 2026 година, што би значело прекин на илјадници постапки што се во тек.
Со предложените измени, како што беше нагласено, нема да се овозможи поднесување нови барања, туку ќе се обезбеди правна сигурност за општините да ги завршат веќе започнатите предмети. Иницијативата, според предлагачите, доаѓа по барање на ЗЕЛС и не предизвикува дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет. Предвидено е измените да стапат во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“.
Вториот предлог-закон, поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, предвидува минималната плата во државата да изнесува 600 евра. Пратеничката Јована Тренчевска изјави дека ова решение е одговор на барањата на синдикатите и работниците, кои, како што рече, сè потешко ги покриваат основните трошоци за живот. Од партијата оценуваат дека има простор во буџетот за вакво зголемување и ги повикаа пратениците да го поддржат предлогот.
На дневен ред е и Предлог-резолуција за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово, поднесена од ДУИ.
Покрај пленарната седница, денеска ќе заседаваат и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Законодавно-правната комисија.


